Admir Fazlagic
20 Март 2019•Ажурирај: 21 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - „На 16-тата Конференција на претседатели на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива што се одржа во Будва, Црна Гора, од 18 до 19 март, претседателите – учесници на конференцијата усвоија заедничка изјава, а со чинот претседаваше претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ“, соопшти прес-службата на Собранието на Република Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата учествуваше и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.
„Во изјавата се истакнува важноста на продолжувањето на парламентарната соработка во регионот за реализација на проектите за поддршка на интеграцијата на земјите на Западен Балкан во ЕУ, се истакнува дека секторот туризам станува сè позначаен фактор за економскиот напредок на Јадранско-јонскиот Регион, при што се охрабруваат земјите учеснички на иницијативата да ја подобрат регионалната димензија на соработката и размената на најдобрите практики во оваа област, а се поддржува и политичката поддршка на активностите кои се спроведуваат на државно, прекугранично и регионално ниво во оваа насока“, се вели во соопштението од Собранието на Северна Македонија.
Се наведува и дека во заедничката изјава се охрабрува промоцијата на заедничките туристички производи, со цел позиционирање на Јадранско-јонскиот Регион како една од водечките туристички дестинации во Европа, во прилог на што се истакнува и важноста на унапредувањето на инфраструктурата, која има суштинска улога во подобрувањето на пристапноста и поврзаноста на регионот.
На 16-та конференција на претседателите на парламентите на Јадранско-јонската иницијатива учествуваа највисоките функционери на парламентите на Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Грција, Србија, Хрватска и Словенија. По Црна Гора, претседавањето со Јадранско-јонската иницијатива ќе го преземе Србија.