Admir Fazlagic
29 Октомври 2020•Ажурирај: 29 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Со 53 гласови „за“ и 26 воздржани, Собранието на Република Северна Македонија ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Законот за заштита на населението од заразни болести, чии измени се поврзани со мерките за спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19) беше донесен по скратена постапка.
Законските измени се однесуваат на мерките на Владата за носење маска на отворено, групирање на отворен простор и задолжителна самоизолација од закажувањето за тестирање за Ковид-19 до добивање на резултатот. Мерките траат додека постои опасност од ширење на епидемија.
Во обраќањето пред пратениците во Собранието, министерот за здравство на Северна Македонија го образложи законот и рече дека новите измени на Законот се воведуваат поради поголемиот број регистрирани случаи и преполнување на болниците. Исто така, Филипче рече и дека дел од законските измени се воведуваат и поради спроведување контрола на претходно пропишаните превентивни мерки поради Ковид-19.
Министерот Филипче информираше дека власта и опозицијата на седницата на Комисијата за здравство постигнале согласност во врска со амандманите, а тие се однесуваат на задолшително носење лишта заштититна опрема на лицето (маска, шал, марама), при излегување надвор од домот, задолжително при движење на јавни места, површини на отворен простро, пазари, јавен превоз, како и места каде што може да се соберат повеќе лица во исто време, во државни институции, банки, маркети...
Исклучок од законската обрска за заштита на лицето ќе има при спортување на отворен простор, при возење во приватно патничко возило, ако возачот е сам или со лице со кое живее во заедницата, при престојување во двор во семејна куќа со лица од истата семејна заедница, или во угостителски објект каде се применуваат специфични протоколи за заштита.
Исто така, оваа мерка нема да важи ако лицето е помладо од 6 годишна возраст (дете) и ако лицето има специфична здравствена состојба (лице со посебни потреби или лице со пречки во развој поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано.)
„За неносење маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра. За прекршителите на самоизолација предвидена е казна од 50 евра, а тие што ќе се групираат на отворено ќе платат казна од 500 евра", се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Мерката за забрана за повеќе од четворица гости дома не беше дел од законските измени, бидејќи, претходно на седницата на Комисијата за здравство пратениците од власта се откажаа од оваа мерка, а пратениците од опозицијата беа со став дека доколку ќе се воведеше оваа мерка тоа ќе претставуваше кршење на Уставот.
Законот за заштита на населението од заразни болести ќе стапи на сила по објавување во Службен весник.
Потсетуваме, во Република Северна Македонија во последните 24 часа регистрирани се 870 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19), што е рекордна бројка на регистрирани случаи на овој вирус во едно деноноќие во земјата. Со ова, вкупната бројка на регистрирани случаи на Ковид-19 во земјата изнесува 28.697. Министерството за здравство соопшти дека се починати 14 лица, со што вкупната бројка на починати од овој вирус во земјата се искачи на 963.