Ihvan Radoykov
29 Октомври 2020•Ажурирај: 29 Октомври 2020
СОФИЈА
Поради брзото зголемување на случаите со коронавирусот (Ковид-19) во Бугарија од денеска ќе бидат затворени ноќните клубови и сличните места за забава, а средните училишта и универзитетите започнуваат со настава од далечина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за здравство, во последните 24 часа во земјата откриени се 2.760 нови случаи со Ковид-19, со што вкупниот број на случаи се зголеми на 42.701. Во земјата досега од коронавирусот животот го загубија 1.161 лице.
Министерството неодамна објави и нови мерки за борба против Ковид-19, бидејќи дневниот број на случаи е зголемен за околу 300.
Соодветно на тоа, во рамките на мерките што ќе стапат на сила од денеска, сите ноќни клубови и сличните места за забава ќе бидат затворени, спортските натпревари во наредните две недели ќе се одржуваат без публика, театрите, кината и концертните сали ќе работат со 30 проценти ограничен капацитет.
Покрај тоа, туристичките тури ќе бидат целосно откажани, во болниците планираните операции кои не се итни ќе бидат одложени за најмалку две недели.
Во рамките на новите мерки, средните училишта и универзитетите од денеска се префрлија на системот за образование од далечина.
Во земјата има повеќе од 250 илјади средношколци и студенти.
Министерот за здравство, Костадин Ангелов, во објавата на Фејсбук истакна: „Ако се занемарат мерките што се преземени денеска, наскоро ќе видиме дека е доцна да се преземат други мерки. Да го зголемиме физичкото растојание. Пред нас претстои тежок зимски период. Влегуваме во сезоната на грипот, нашиот здравствен систем можеби ќе нема сила да го издржи тоа.“
Во меѓувреме, првата реакција на новите мерки пристигна од сопствениците на ноќните клубови и дискотеки. Ричард Алибегов, раководител на Здружението на ресторани и места за забава, изјави дека со новите мерки, 130 илјади луѓе во земјата ќе останат без работа.