İhvan Radoykov
17 Мај 2016•Ажурирај: 18 Мај 2016
СОФИЈА (АА) - Пред утрешната средба на 126-от состанок на министрите за надворешни работи на Советот на Европа кој ќе се одржи во Софија, министерот за надворешни работи на Бугарија, Даниел Митов, се сретна со својот колега од Албанија, Дитмир Бушати, јавува Anadolu Agency (AA).
На средбата покрај билатералните односи, се зборувало за теми поврзани со регионот на Западен Балкан и соработката на Албанија со ЕУ.
По средбата меѓу двете држави бил потпишан Меморандум за разбирање за интеграција на Албанија во ЕУ.
Министерот за надворешни работи на Бугарија, Митов, истакна дека Бугарија ќе го поддржи членството на Албанија во ЕУ и додаде „Европа ќе биде цела откако Западен Балкан ќе стане дел од неа“.
Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, соопшти дека желбата за членство во НАТО произлегува од желбата за гарантирање на иднината на државите од југоисточна Европа.
„Како земји од југоистокот на Европа сакаме да ја загарантираме иднината на државите поврзувајќи се со НАТО. Во тој контекст влезот на Црна Гора во НАТО ќе обезбеди поголема стабилност и ќе создаде поголем напредок во регионот. На тој начин во регионот ќе се намали влијанието на останатите играчи именувани како трета страна. Кризата на југоистокот од Европа ќе биде надмината доколку поголем дел од неа стане од дел од НАТО и ЕУ. Дијалогот меѓу Бугарија и Албанија е многу добар.“
Албанскиот министер истакна дека одблизу го следат развојот на настаните меѓу Македонија и Бугарија.
„Сакаме да има стабилност во Македонија“, изјави притоа Бушати.
За изнаоѓање на решение за кризата во која се наоѓа Македонија, албанскиот министер посака повторно воспоставување на политички дијалог и истакна дека го поддржуваат членството на Македонија во НАТО.
Бушати потсети дека на состанокот во Букурешт 2008 година биле поставени јасни критериуми за членство и додаде: „Овие критериуми кои се бараат од Македонија, важат и за останатите кандидати кои посакуваат членство во НАТО. Овие критериуми ќе продолжиме да ги штитиме и на Самитот на НАТО во Варшава.“