İhvan Radoykov
13 Април 2016•Ажурирај: 13 Април 2016
СОФИЈА (АА) - Откако во медиумите се појавија снимки на таканаречените „ловци на мигранти” во Бугарија, во кои можеше да се забележи многу лошото постапување кон мигрантите, уследија реакции на осуда од бугарските официјални лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Екстремно десничарската група која себеси се нарекува „ловци на мигранти” воглавно е составена од лица со криминално досие. Тие ги приведуваат мигрантите и насилно ги враќаат на територијата на Турција.
Во Бугарија е приведено лицето Петар Низамов за кој е утврдено дека ја снимил видео снимката објавена на социјалните мрежи, на која се забележуваат врзаните мигранти.
На снимката може да се види како Низамов на лош англиски јазик на мигрантите им порачува „Не во Бугарија, вратете се во Турција”. Низамов тврди дека со својата група ѝ дава поддршка на државата, која не е во можност да ги заштити своите граници.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов во своите претходни изјави им пружаше поддршка на групите кои ги приведуваат мигрантите, односно оние кои илегално влегуваат на територијата на Бугарија. Борисов подоцна изјави дека нивните постапки претставуваат криминално дело.
Борисов го изрази и своето незадоволство поради користењето на називот „свински опашки” за врвките со која ги врзуваат мигрантите велејќи „дека тоа би била навреда за муслиманите”.
Министерката за внатрешни работи, Румјана Бачварова, изјави дека денес не станува збор само за борбата против илегалниот влез во земјата, туку и против оние кои сакаат да им нанесат штета на тие луѓе.
„Лицата кои себеси се нарекуваат ,родољубци' не можат самоиницијативно да донесат одлука за враќање на мигрантите како ни за нивно апсење, изјави Бачварова и додаде дека ваквата „потрага по слава” не треба да се толерира.
Еден од претставниците на бугарскиот Патриотски фронт (ФП), Валери Симеонов, изјави дека ваквите групи имаат за цел пљачкање на мигрантите, и дека е неопходно полицијата да им се спротивстави на овие групи.