Talha Öztürk
05 Март 2016•Ажурирај: 06 Март 2016
БЕЛГРАД (АА) - Заедничката вежба "Border 2016" се одржа денес во околината на југозападните бугарски градови Петрич, Сандански и Кулата, јавува Anadolu Agency (AA).
Вежбата имаше за цел координирање на активностите на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана за реагирање во случај на можен миграциски бран.
„Околу 400 офицери од армијата, жандармеријата и полицијата ќе останат постојано на границата. Ние имаме капацитет за распоредување на повеќе луѓе и опрема”, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов, обраќајќи им се на медиумите по вежбата.
„Ние сакаме нашите граѓани да спијат мирно”, рече челникот на одбраната на земјата, генерал-потполковник Константин Попов.
Бугарија минатата недела донесе закон со кој се предвидува војската да помогне во заштитата на границата.
Претставниците на Црвениот крст во Бугарија исто така учествуваа во вежбата.
Во текот на вежбата граничните објекти во Кулата беа затворени во траење од еден час.
Грчките власти итаат да се подготват за поголемиот број бегалци кој остануваат во Грција веќе подолг период како резултат на воведувањето на зголемени гранични рестрикции од страна на земјите од Балканската рута.
Бројот на бегалци заглавени на грчко-македонската граница се зголемува откако балканските земји ги воведоа новите правила, ограничувајќи го влезот на мигранти на 500, дневно.
Така, овие нови правила доведоа до пораст на бројот на бегалците во Грција, кои во моментов изнесува над 22.000.
Министерот за миграции, Јанис Музалас, рече дека Грција очекува 70.000 бегалци следниот месец како резултат на подобрувањето на временските услови во Егејското Море.
Атина се закани дека ќе ги блокира одлуките од самитот помеѓу ЕУ и Турција во понеделник, доколку ЕУ не ги присили своите членки да го преземат својот дел од обврската кон бегалците.