Besar Ademi
06 Март 2016•Ажурирај: 08 Март 2016
ИДОМЕНИ (АА) - На грчко-македонскиот граничен премин, во Идомени, продолжува да се зголемува бројот на бегалци кои чекаат да поминат на територијата на Македонија, а условите за живот продолжуваат да бидат тешки, јавува Anadolu Agency (AA).
Во моментов, бројот на бегалци во Центарот за прием на бегалци е околу 12 илјади, а хуманитарните организации велат дека над илјада бегалци пристигнуваат дневно. Во овој камп се забележани редици бегалци кои чекаат со часови за да добијат храна или медицински третман.
Во меѓувреме, надвор од кампот, илјадници бегалци се сместени во мали шатори, во кои преживуваат со лсопствени средства, се грижат сами за храна, хигиена или други основни животни потреби.
Според информациите во Македонија, на нејзината територија поминуваат околу 500 бегалци на ден, но претставниците на УНХЦР на грчката страна кажуваат дека во текот на вчерашниот ден границата ја преминале околу 100 бегалци. Последниот воз од Гевгелија до Табановце со 179 бегалци тргна вчера во 6 часот наутро, а во петокот беа транспортирани 415 бегалци.
Координаторoт на УНХЦР во Идомени, Бабар Балоч, за АА рече дека повеќето од бегалците кои се наоѓаат во Идомени се жени и деца, за кои рече немаат соодветна грижа поради преплавниот број во камп, каде што нема капацитет за згрижување на голем број на бегалци.
„Бројот постојано се зголемува. Како што можете да видите има многу жени и деца. Ова место е изграденo за да згрижи само околу 1.600 луѓе, а сега со оваа бројка од 12 илјади луѓе средствата за грижа веќе се завршени и се наоѓаме во многу тешка ситуација”, рече Балоч.
Еден сириски бегалец кој со своето семејство живее во мал шатор, надвор од центарот за чекање во Идомени, вели дека 19 дена е во Идомени и сите овие денови, живеат во мизерни услови и потрошиле околу 1.200 евра за да преживеат.
„ Условите во овој камп се многу тешки. И шаторот го купивме со наши пари. Кога паѓа дожд шаторот и ќебињата се влажни и никој не се грижи за нас, тогаш ние се обидуваме да ги исушиме. Исто така, храната ја купуваме и ја подготвуваме сами, бидејќи не сакаме да се туркеме во долгите редици, каде што илјадници бегалци чекаат да добијат храна. Многу е тешко да се живее овде. Дури и тоалетите, освен тоа што треба да се чека со часови, тие се и многу валкани ”, изјави бегалецот од Сирија.
Во близина на грчко-македонскиот граничен премин, исто така, се изградени неколку други центри за прием на бегалци, со цел да не се натрупуваат сите бегалци во Идомени.
Во овие кампови се наоѓаат околу 8 илјади бегалци и живеат во добри услови, но бегалците се обидуваат колку што е можно да бидат поблиску до грчко-македонската граница, со надеж дека границата ќе се отвори и тие ќе го продолжат своето патување.