Besar Ademi
06 Март 2016•Ажурирај: 07 Март 2016
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Вицепремиерот на Владата на Република Македонија за европски прашања Фатмир Бесими, по посетата на Центарот за прием на бегалци во Гевгелија, изјави дека потребна е тесна координација меѓу европските земји и земјите од регионот за третманот на бегалците, а потребна е и помош за Грција, откако во последниот период оваа земја е најмногу погодена од бранот бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Бесими истакна дека одлуките кои ќе се донесат на самитот во Брисел не само што ќе им помогнат на Турција и балканскиот коридор, но ќе им биде од помош и на сите земји погодени од кризата со бегалците.
Тој додаде дека Македонија ќе продолжи да работи во согласност со политиките кои доаѓаат од Европската унија, со цел да се справи со кризата на вистинскиот начин.
„Еднострано решение нема да му помогне на процесот, додека следното важно случување е она што се очекува утре во Брисел, каде што ќе се дискутира за регулативниот аспект на спроведување на договорот на Европската унија и Турција, како и регулативниот аспект на спроведувањето на Шенгенот, и хуманитарниот аспект и помошта да бидат дадени, во овој случај, на Грција, која се соочува со овој бран”, рече Бесими.
Постојаната кординаторка на УНДП, Лујза Винтон нагласи дека дискусиите во Брисел треба да изнајдат решение како да им се помогне на бегалците да го продолжат патувањето и да не се затвораат границите, бидејќи според неа, затворањето на границите не е решение, бидејќи бегалците нема да запрат сè додека не стигнат до својата крајна дестинација.
„Прифатниот центар за бегалци во Гевгелија лесно може згрижи 3.000 лица, но во последните неколку дена, бројот на бегалците кои влегуваат во земјата значително се намали. Обединетите нации се многу загрижени за ситуацијата од другата страна на границата со Грција. Очекуваме разговорите во Брисел да се фокусираат не само на аспектот на безбедноста на границите, туку да се разгледаат и хуманитарните аспекти на ситуацијата”, рече Винтон.
Во однос на бегалците повеќе од 1.000 кои речиси две недели се блокирани на територијата на Македонија, поради немањето потребни документи за влез во Србија, претставникот на УНХЦР во Скопје, Мохамед Ариф, изјави дека македонската влада треба да најде решение за нив, бидејќи не постојат услови за задржување на бегалците на својата територија за подолг временски период.
„Во оваа земја во моментот има околу 1.400 бегалци, некои се заробени на северната граница а други на јужната граница на земјата. Во Гевгелија во моментов има 117 бегалци, додека во Табановце се наоѓаат 1.100, сите веќе две недели се блокирани. Сега владата има предизвик со кој мора да се соочи, бидејќи не постојат услови за да се задржат подолг временски период”, рече Ариф.
Бесими и претставниците на меѓународните организации не ги потврдија информациите на грчките полициски власти, кои велат дека Македонија има поставено дополнителни ограничувања на бегалците кои кои ја поминуваат границата, дозволувајќи им влез само на оние кои доаѓаат од посебно погодените градови.
Грчките власти претходно кажаа дека ограничувањата наметнати денес дозволуваат преминување на границата од Грција во Македонија само за бегалците од Алепо, но не и за оние кои доаѓаат од сирискиот главен град Дамаск или од ирачкиот главен град Багдад.