Ekipa
16 Мај 2016•Ажурирај: 17 Мај 2016
ТОКИО (АА) - Јапонија се подготвува да се придружи кон воените вежби заедно со САД следниот месец, како резултат на регионалните тензии со Северна Кореја и Кина, јавува Anadolu Agency (AA).
Јапонската новинска агенција „Кјото” денес објави дека сојузниците планираат да изведат вежби за опасност од ракети заедно со Јужна Кореја на Хаваите, и поморски вежби со Индија во водите во близина на јужната јапонска префектура Окинава.
Агенцијата го цитираше портпаролот на јужнокорејскиот министер за одбрана велејќи дека вежбата за опасност од проектили ќе се изведе со цел „подобра одбрана на Јужна Кореја од растечката нуклеарна и ракетна закана од Северна Кореја”.
Таа, исто така, цитираше јапонски неименуван извор којшто соопшти дека поморските вежби се планирани со цел зголемување на соработката помеѓу Јапонија, САД и Индија во областа на морската безбедност, во рамките на „следењето на проширувањето на кинеските поморски активности во Источното и Јужното Кинеско Море”.
Изворот нагласи дека јапонските поморски сили за самоодбрана планираат да го зголемат нивото на вклученост во Малабар вежбите, кои се одржуваат од страна на САД и Индија уште од 1992 година, а Јапонија им се приклучи пред околу две години.
Учеството на Јапонија во јунските воени вежби доаѓа во период кога премиерот Шинзо Абе работи кон проширување на улогата на самоодбранбените сили откако неговиот Кабинет во 2014 година реши да го реинтерпретира пацифистичкиот устав на земјата од Втората светска војна.
Во декември Кабинетот одобри рекорден буџет за одбраната во износ од 42 милијарди долари за 2016 фискална година, шо претставува четврто зголемување едно подруго.
Пјонгјанг е под зајакнати санкции од страна на ОН за наводното тестирање на хидрогенска бомба во јануари и спроведувањето на серија неуспешни ракетни проби во месец април.
Јапонија и САД, исто така, се загрижени поради поморската експанзија на Кина, за која се сомневаат дека има за цел да го прошири својот воен домет.
Кина ја смета за своја скоро целата територија на, со ресурси богатото, Источно Кинеско Море, и покрај тврдењата кои се поклопуваат со оние на Филипини, Виетнам, Малезија, Тајван и Брунеи.
Пекинг има конфликтни интереси со Токио во врска со ненаселените островите Сенкаку, во Источнокинеското Море, кои се под контрола на Јапонија и покрај тврдењата на Кина и Тајван дека островот им припаѓа ним.