Bekim Laci
01 Декември 2018•Ажурирај: 02 Декември 2018
СКОПЈЕ (AA) - Собранието на Република Македонија денеска ја започна дебатата за уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во име на предлагачот на уставните измени, македонскиот премиер Зоран Заев од говорницата рече:
„Доколку Грција не ги исполни своите обврски, тогаш нема да важат измените на Уставот. Останувам на мојот збор дека и понатаму останува отворената понуда за инклузивност и во наредните фази на донесување на уставните измени, секако, во духот на Договорот од Преспа. Убеден сум дека вие, пратениците како народни избраници ќе го спроведете успешно процесот на уставни измени, следејќи го интересот на граѓаните, водејќи се од одговорност за иднината и на граѓаните и на нашата држава.“
Во име на осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои гласаа за одобрувањето на предлогот за пристапување кон уставните измени, говореше Зекир Рамчиловиќ, кој објасни дека нивната парламентарна група би гласала воздржано, во поглед на трите амандмани, со цел да остават простор за јавна дебата за предлози.
Заменик-претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, чија парламентарна група се противи на Договорот со Грција, рече дека граѓаните во Македонија се незадовлни поради неисполнетите ветувања на Владата на Република Македонија.
„Опозиција ви се Албанците кои се разочарани, на кои не им ги исполнивте ветувањата, опозиција ви се Турците, кои сѐ повеќе го дигаат гласот, опозиција ви се Бошњаците, опозиција ви се Србите, опозиција ви се Ромите, затоа што и вашите пратеници велат дека не ги исполнувате ветувањата, опозиција ви се Власите, опозиција ви се сите вероисповести и националности во Македонија“, рече Ѓорчев.
Додека трае дебатата во Собранието, пред собраниската зграда стотици граѓани собрани преку граѓанската иницијатива „Македонија блокира“, се собраа да го изразат своето незадоволство од уставните измени. Пред Собранието се присутни припадници на полицијата, со цел преземање безбедносни мерки и одржување на јавниот ред.
Собраните граѓани кои протестираат пред Собранието, најавија дека вечерва со своите шатори ќе останат таму, и дека со протестите ќе продолжат во наредните денови.
Според предвиденото, Собранието има рок до 12 декември да гласа за предложените амандмани за уставните измени, за што е потребно просто мнозинство од 61 глас, по што текстот го испраќа до Владата, која пак има пет дена за јавна дебата и два дена за сумирање на забелешките, по што текстот се враќа во Собранието.
По разгледувањето на соодветните собраниски комисии, предлозите се враќаат во последната фаза на гласање, за што е потребно двотретинско мнозинство или 80 пратеници.
Уставните измени се дел од Преспанскиот договор, потпишан во јуни оваа година од страна на владите на Македонија и Грција, чија имплементација е услов за членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ.
По спроведувањето на Преспанскиот договор во Македонија , потребно е тој да биде ратификуван и во грчкиот Парламент.