Admir Fazlagic
01 Декември 2018•Ажурирај: 02 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Од денес државјаните на Македонија и БиХ во двете држави ќе можат да патуваат со лична карта, јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот меѓу Советот на министри на БиХ и Владата на Република Македонија за условите за патување на државјаните од двете земји стапува во сила од денес, 1 декември, откога граничните премини граѓаните од двете држави ќе можат да ги преминуваат со лична карта.
Документот го потпишаа министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина и на Македонија, Игор Црнадак и Никола Димитров на 12 март оваа година.
Тогаш беше наведено дека Договорот ќе стапи во сила 30 дена по приемот на последниот писмен извештај дека се исполнети внатрешните законски процедури.
Последната потврда на Министерството за надворешни работи на БиХ е примена во Амбасадата на Република Македонија на 23 октомври и како датум за стапување во сила на Договорот е утврден 1 декември 2018 година.
По одржаната средба во Скопје, со претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, во март оваа година, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, најави дека граѓаните на Македонија и БиХ, во двете држави ќе можат да патуваат со лична карта.
Инаку, ова е практика што Република Македонија веќе ја воспостави со Србија и Албанија, а од денес таа важи и за патувањата во БиХ.