Admir Fazlagic
30 Ноември 2018•Ажурирај: 01 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека најмалку две години се прислушувале разговорите од фиксните телефони во оваа институција, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Основното јавно обвинителство Скопје започна предистражна постапка по сознанија дека во периодот од 30.09.2016 година до денеска е снимана телефонската комуникација вршена преку фиксната телефонија во објектот на Јавното обвинителство", соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.
Се наведува дека по првичните сознанија, снимањето се вршело на двата хард диска на телефонската централа сместена во просториите на Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија.
„Ќе се утврдуваат сите аспекти од настанот, вклучувајќи проверка на тендерската документација за набавка на опремата, овластувањата за нејзино користење, како и дали, во колкав обем и за кои цели е вршена употреба на снимените податоци", се додава во соопштението.
Информацијата за прислушкувањето ја потврди и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, за време на денешниот брифинг со новинарите кој се однесуваше на „Транспарентноста на обвинителството”.