Admir Fazlagic
04 Мај 2017•Ажурирај: 05 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРМ) поднесе предлози за определување мерки за обезбедување против три лица за нередите што се случија минатиот четврток во Собранието, а кои беа приведени завчера од Министерството за внатрешни работи. За едно лице е поднесен предлог за мерка притвор, а за две се предложени мерки за претпазливост, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на ЈОРМ, во Основното јавно обвинителство Скопје детално се прегледува доставениот доказен и видео материјал за нередите во Собранието, со цел утврдување на фактите и кривичната одговорност на инволвираните лица.
За едно лице за кое МВР поднесе известување, соопштува ЈОРМ, обвинителството цени дека постои основано сомнение дека сторило кривично дело „учество во толпа“ што ќе изврши кривично дело од член 385 и „предизвикување општа опасност“ од член 288 од Кривичниот законик. За осомниченото лице до судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје, надлежен јавен обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор.
За две лица обвинителството информира дека оценило оти постои основано сомневање дека сториле кривично дело – „учество во толпа“ што ќе изврши кривично дело од член 385 од Кривичниот законик и за нив до судија на предходна постапка поднесен е предлог за определување мерки на претпазливост.
„За останатите две лица за кои беше доставено известување, обвинителството утврди дека не постои основано сомневање дека сториле кривични дела. По однос на другите две лица во тек е натамошно преземање на активности за утврдување на фактите, за да може да се донесе јавнообвинителска одлука", се вели во соопштението од ЈОРМ.
Се додава дека дејствијата кои се преземаат од страна на надлежните јавни обвинители продолжуваат во континуитет.
Покрај трите дополнително приведени лица завчера, според МВР, во Полициската станица Кисела Вода во Скопје, се пријавило едно лице осомничено за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.
Според известувањето на МВР, во сила се уште се централни расписи за осум лица, по кои полицијата трага. Досега од 12 приведени, за шестмина од нив е изречена мерка притвор во траење од по осум дена, за едно лице мерка домашен притвор, а за две лица мерка - претпазливост.
Секторот за внатрени работи - Скопје, во координација со Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје досега поднесе кривични пријави за 20 идентификувани лица - учесници во нередите во Парламентот.
До ОЈО Скопје се поднесени и извештаи за досега собраните сознанија околу лица организатори на протестот, како и лица кои учествувале во отстранување на претходно поставената блокада на вратата од внатрешната страна од главниот влез на собраниската зграда.