Admir Fazlagic
21 Септември 2017•Ажурирај: 22 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Коалицијата за чист воздух „О2" и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ заедно со уште 18 граѓански, невладини организации, денеска во попладневните часови излегоа на мирен марш за чист воздух, јавува Anadolu Agency (AA).
На мирниот марш се собраа стотици граѓани кои побараа надлежните институции повеќе да работат на решавање на проблемот со загадениот воздух во Скопје и неговата околина, но и во другите градови како што Тетово и Битола, во кои, загадениот воздух, посебно во зимскиот период претставува голем проблем за граѓаните на овие градови.
„Сакаме чист воздух", „Нема чист воздух, нема мир", „Што правиме со загадениот воздух", беа дел од паролите кои ги извикуваа граѓаните собрани пред зградата на Владата на Република Македонија.
Порачаа дека денеска излегоа на улиците на главниот град во Македонија по повод Светскиот ден на мирот - 21 септември, со што, како што велат, сакаат да испратат порака дека чистиот воздух е едно од најважните прашања за граѓаните.
Во име на организаторите се обрати Игор Новески од Коалицијата за чист воздух „О2" кој ги соопшти мерките кои ги бараат граѓанските организации од надлежните институции со цел соодветно да се пристапи кон проблемот со загадениот воздух.
„Дел од мерките се мораториум во градежни активности посебно во месеците кога е најзагадено. Во делот на автомобилската индустрија и сообраќајот: за сите возила коишто се големи загадувачи да има мораториум да се спречи движење низ градот, а една од мерките во индустријата е да се направи ревизија и да се постават филтри во најжешките точки како што се: Тетово ,Битола Скопје. Ние работиме и на подигнување на свеста кај граѓаните. Во поглед на загревањето на домовите ги поддржуваме мерките за гасификација и обновливи извори на енергија пред се бидејќи сакаме да ја исфрлиме зависноста од јаглен", изјави Новески.
Драги Змијанац од Првата детска амбасада „Меѓаши“ рече дека Владата на Република Македонија како најрелевантна треба да одговари соодветно на нивните барања.
„Имаме среднороччни, краткорочни и долгорочни барања. Очекуваме и конкретни мерки кои ќе бидат спроведени во наредниот период. Ако навистина не почнат да спроведуваат мерки ќе се јавуваме почесто на улица, затоа што само на тој начин ќе направиме политички притисок сериозно да не сфатат бидејќи доведен е во прашање животот, не само на децата, туку и на сите граѓани кои посебно ги чувствуваат тешкотиите во зимскиот, есенскиот и пролетниот период", истакна Змијанац во неговата изјава за медиумите.
Змијанац додаде дека секое второ дете во загадените градови боледува од асма.
Откако ги искажаа своите барања до Владата, собраните граѓани и организаторите на мирниот марш тргнаа низ булеварот „Илинден“ и булеварот „8 Септември“ каде учесниците на маршот заедно се споија со партнерските граѓански организации „Ние сме Карпош 4“ и „Карпош 3“ кои исто така одржаа мирен протест.