Miki Trajkovski
21 Септември 2017•Ажурирај: 22 Септември 2017
ОХРИД (АА) - Ветеринарните комори на Македонија, Србија и сојузот на Ветеринарни лекари на Бугарија вечерва во Охрид потпишаа меѓународен договор за соработка кој ќе има за цел да ја засили врската и комуникацијата помеѓу овие три институции, а до крајот на месец октомври ист ваков договор ќе биде потпишан и со Ветеринарната комора на Хрватска, јавува Anadolu Agency (AA).
Според потписниците на договорот, тој ќе овозможи воспоставување на систем на соработка, размена на информации и соработка во доменот на континуирана едукација.
„Договорот е од особено значење за нас затоа што се работи за соседни држави, а областа во која ние делуваме, а тоа е ветеринарната медицина не познава граници. Освен што делиме иста историска судбина ние делиме и иста епидемиолошка судбина. Болестите кои се појавуваат во соседството се јавуваат и кај нас. Ние и досега сме имале соработка но на овој начин тоа го официјализираме со јасни права и обврски“, изјави Томислав Николовски, претседател на Ветеринарна комора на Македонија.
Македонија очекува помош особено од Бугарија како членка на Европската Унија пред се во делот на имплементација на европското законодавство.
„Целта на овој договор е да ја зацврстиме уште повеќе нашата добра соработка бидејки ние во последните години работиме многу добро со колегите од Македонија“, изјави Михаил Вуставулов, претседател на сојузот на Ветеринарните лекари на Бугарија.
Според Вуставулов болестите не познаваат граници и затоа соработката треба да се продлабочува.
„Ова е голем ден за нашите комори и за нашата професија.Ние заеднички делуваме во сите ситуации со кои се соочувавме во последните две години.Ова е верификација само на она што веќе го работевме заедно. Ние преку заедничка соработка во 2015 година и 2016 година кога ја имавме појавата на болест со заедничка работа успеавме да го зачувавме и нашиот сточен фонд и нашата економија“, рече Давор Шашиќ, претседател на Ветеринарната комора на Србија.
Потписниците на договорот за соработка рекоа дека примарна цел на ветеринарната медицина е преку здравјето на животните е да се зачува здравјето на човекот.
На средбата беше кажано дека во регионо во изминатиот период се појавувале болести кои во минатото биле карактеристични за aфриканските држави како што е болеста синиот јазик кај овците и чвореста кожа кај говедата.