Ivana Ramadanova
02 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Кривичниот совет донесе решение за предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) од петокот со кои се бараше определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост поврзан за предметите во јавноста познати како „Таргет“ и „Тврдина“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по разгледување на предлогот, како и ценење на приложените факти и доказите донесе решение со кое предлогот за определување мерка притвор против обвинетите С.М., Г.Г., Н.Н., Т.Ј. и Н.Б., се одбива како неоснован. По повод предлогот по службена должност им се определуваат мерки за претпазливост. С.М., Г.Г. и Н.Н. имаат обврска еднаш неделно да се јавуваат на надлежно службено лице во судот, привремено им се одзема патната исправа и имаат забрана за издавање нова патна исправа", информира Основниот суд Скопје 1.
Обвинетиот Н.Б., исто така, има обврска еднаш неделно да се јавува на надлежно службено лице во судот, а изречена му е и мерка за привремено одземање патна исправа и службена патна исправа и забрана за издавање нови. Обвинетиот Т.Ј., пак, ќе има обврска еднаш неделно да се јавува на надлежно службено лице во судот.
Се уважува предлогот за определување мерки за претпазливост на Е.Џ., кој еднаш неделно треба да се јавува кај надлежно службено лице во судот и привремено му се одзема патна исправа и забрана за издавање нова.
Против овие решенија, странките имаат рок за жалба од три дена до Апелацискиот суд.
„Во однос на вториот предлог кој до судот беше доставен во петокот откако одлуката ќе биде писмено изработена и доставени до странките јавноста ќе биде известена во текот на утрешниот ден“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.