Ivana Ramadanova
03 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со специјалниот претставник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од кабинетот на премиерот Заев се вели дека на средбата е разговарано за можностите за придвижување на разговорите меѓу Македонија и Грција во врска со спорот што ги блокира евро-атлантските интеграции на Република Македонија, и се истакнува дека посредникот Нимиц ги поздравил демократските промени во Македонија, кои отвораат можност за напредок на државата.
Специјалниот претставник на ОН, Нимиц, му честиташе на премиерот Заев за неговите отворени проактивни политики, со коишто демонстрира пристап за решавање на проблемите, во интерес на граѓаните на Македонија, но и на регионот.
„Јас и Владата на Македонија сме определени кон чекори што ги решаваат проблемите на граѓаните на Република Македонија. За тоа водиме инклузивни политики и така ќе биде и со решавањето на ова прашање, кое ќе го водиме исклучително транспарентно, а не затворено како досега, само преку државен консензус, со опозицијата, со Парламентот, со претседателот на државата и со граѓаните на Република Македонија“, истакна премиерот Заев.
На средбата е донесен заеднички заклучок дека евро-атлантските интеграции се потребни за стабилноста и безбедноста на целиот Западен Балкан, но и дека тоа ќе придонесе за потребниот економски развој на државите и за подигнување на квалитетот на животот на граѓаните.
Во соопштението од владиниот кабинет се истакнува дека, меѓу другото, беше оценето дека постои позитивна клима за нов импулс во развојот на добрососедските односи, преку чекорите за зголемување на довербата меѓу државите, што може да придонесе и во продолжувањето на процесот на преговорите.