Admir Fazlagic
26 Август 2020•Ажурирај: 28 Август 2020
СКОПЈЕ
Мандатарот за состав на новата Влада на Република Северна Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев, соопшти дека учебната година ќе започне на 1 октомври, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Заев, денеска до Собранието ја достави предлог-програмата за работа и предлог за состав на новата Влада и одржа прес-конференција на која го претстави својот предлог за новата Влада и одговараше на новинарски прашања, меѓу кои и за почетокот на претстојната 2020/2021 учебна година.
Тој информира дека Владата, сите одлуки во кои веќе се поставени политиките врз основа на здравствената комисија, врз основа на проценките на образовните профили во државата, ќе ги донесе навремено.
„Граѓаните треба да знаат дека почетокот на учебната година ќе биде на 1 октомври, дека ќе почне со селекција на еден дел на децата коишто треба да ги описмениме, а тоа се првите одделенија. Секако, онлајн настава ќе биде концепт за сите со проценки на самите општини. Но ова го кажувам за граѓаните да знаат дека имаме подготвено комплетен план со сите анализи и искуства за да може образовниот процес на децата да тече, а да го заштититме нивното здравје и здравјето на нивните семејства“, рече Заев.
Се остава време за да се земат предвид сите аспекти на оваа, како што рече, комплексна проблематика, како подготовка на онлајн платформата, безбедносните протоколи за децата, прашањето за чување на децата до 10 години итн., и тие ќе бидат на дневен ред на првата седница на новата Влада.
Како што беше најавувано и досега, за почеток на новата учебна година се потребни измени на законите за основно и за средно образование, согласно протоколите за моделите на настава во услови на пандемија, кои треба да ги донесе Собранието.
Од досегашниот министер за образование, Арбер Адеми, кој отсега ќе биде пратеник, Заев побара да ги даде неопходните информации, додавајќи и дека идната министерка Мила Царовска како актуелен потпретседател на Владата е запозната и работи на проблематиката.
Претстојната учебна 2020/2021 ќе почне со онлајн настава, освен за учениците од прво до трето одделение и во училишта со помал број ученици и паралелки во средини со стабилна епидемиолошка состојба, за што општините ќе добиваат согласности од Владата на Република Северна Македонија, соопштија на 18 август министрите за образование и за здравство, Арбер Адеми и Венко Филипче.
Како што соопштија здравствените власти во земјата, според протоколот, во училницата нема да има повеќе од 20 деца, ќе бидат распоредени на растојание од 1,5 метар и ќе носат заштитни маски.
На 10 март оваа година, со цел спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), Владата донесе одлука за прекинување на воспитно-образовниот процес и настава во сите детски градинки, основни и средни училишта, како и на наставната дејност во високообразовните институции.
Наставата со далечинско учење поради состојбата со коронавирусот во земјата, продолжи до 10 јуни, односно до крајот на учебната година.