Seyyid Emin
28 Август 2020•Ажурирај: 29 Август 2020
СКОПЈЕ
Со проекцијата на филмот „Мед и кајмак“, во Скопје синоќа се одржа отворањето на Неделата на турски филмови организирана од страна на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
На настанот кој се одржа во „Куршумли ан“ во Старата скопска чаршија присуствуваа Ирена Стефоска, номинирана за министерка за култура во новата Влада на Северна Македонија, која се очекува да биде изгласана во наредните денови во Северна Македонија, продуцентот на филмот, Сертач Демирташ, актерката Сабина Тозија, директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула, претставници на турските организации и институции во земјата, како и љубителите на филмот.
Кула во изјава за медиумите истакна дека Неделата на турскиот филм ќе трае три дена, потсетувајќи дека првиот филм бил прикажан и на фестивалот „Скопско лето“, за кој имало голема заинтересираност.
„Ако не се случеше Ковид-19, ние сакавме да го претвориме „Куршумли ан“ во летно кино ова лето. Сепак, овој период малку ни пречеше, но барем успеавме да ја реализираме оваа проба со една програма. На настанот учествуваат продуцентот на филмот од Турција и актерите, и на овој начин љубителите на филмот имаат можност да гледаат филмови во „Куршумли ан“, во ова историско место“, рече Кула.
Продуцентот на филмот „Мед и кајмак“, Серташ Демирташ, нагласи дека заедно со режисерот Онур Тан одлучиле филмот да биде реализиран во овие краишта по посетата која ја реализирале тука и добриот впечаток кој го стекнале.
„Бидејќи во овие краишта има добри приказни. Има приказни и во нашата земја, има и тука. Како и да е, ова се нешта кои нѐ зближуваат.", додаде Демирташ, изразувајќи го своето задоволство.
Во рамки на Неделата на турски филмови, која ќе заврши на 29 август, покрај филмот „Мед и кајмак“, ќе бидат проектирани и филмовите „Кисели јаболка“ и „Медена земја“.
Поради пандемијата, за време на фестивалот се спроведува посебен протокол, како носење маски, дезинфекција и контролирање на телесната температура.