Bedrudin Brlyavac
21 Септември 2019•Ажурирај: 23 Септември 2019
САРАЕВО (АА) – Со проекцијата на филмот За Сама, на авторите Вад ал-Катеб и Едвард Ватс во сараевскиот Синема Сити официјално е отворен 2. Меѓународен фестивал на документарен филм AJB DOC кој ќе трае до 24 септември, јавува Anadolu Agency (AA).
Едхем Фочо, директор на AJB DOC Филм фестивал, по тој повод изјави дека и оваа година гледачите ќе можат да погледнат интересни филмови и да слушнат многу оригинални приказни.
„Имаме 23 филмови, седум од домашна продукција. Приказните кои требаше да бидат раскажани, а не се, потресни, длабоки. Ова се реални луѓе и реални настани и често непредвидливи. Мислам дека ќе биде многу интересно и верувам дека одѕивот на публиката ќе биде како и минатата година”, рече Фочо.
Потсетувајќи дека мотото на Фестивалот е „Промена”, Фочо истакна дека промените денес им се потребни на сите, од лични до општествени.
„Мислам дека на сите им требаат промени во општеството, како на индивидуалците, така и на општеството. Овие филмови говорат за промените. Сите тие луѓе се борат и се изборуваат за тие промени. Некогаш за себе, некогаш за општеството. Слоганот дојде од самите филмови, не го наметнавме”, рече Фочо.
Ахмед Махфуз Нух, директор на Ал Џезеира Документари Канал (Al Jazeera Documentary Channel) истакна дека Меѓународниот фестивал на документарен филм AJB DOC е голем фестивал на Балканот, нагласувајќи го и самото значење на овогодинешното мото на Фестивалот „Промена”.
„Минатата година реков дека имаме огромно богатство на Балканот и дека мораме да го откриеме со фестивалот на документарен филм. Горд сум што го имаме овој фестивал. Промените се случуваат во цел свет, сега поминуваме низ важни моменти. Документарните филмови мораат да ги заштитат општествата, идентитетот и да го заштитат човештвото. Историјата може да се пишува со документарните филмови”, рече Нух.
Честа да го отвори AJB DOC Филм фестивал му припадна на филмот од натпреварувачката селекција „За Сама” на авторите Вад ал-Катиб и Едвард Ватс.
Тоа е приказна за интимно и епско патување низ искуство од војна на една жена, а овој филм е израз на љубовта на млада мајка кон својата ќерка и говори за животот на Вад ал-Катиб во текот на пет години востание во Алепо, во Сирија, кога таа се вљубува, се мажи и ја раѓа Сама додека околу нејзе води катаклизмички судир.
Вад со својата камера забележува неверојатни приказни за губиток, смеење и преживување, истовремено борејќи се со невозможен избор – да ли да избега од градот за да го заштити животот на својата ќерка?
Вториот филм на отворањето е „Чистачи” на режисерите Ханс Блок и Мориц Ресвик, со кој е биде отворена ненатпреваруачката селеција „Last Minute Cinema". Филмот говори за непозната индустрија на дигитално чистење, скриениот трет свет и интернетот.
Од заедничка општествена визија на голбално село до мрежа на лажни вести и радикализација, филмот го прикажува успонот и падот на утописката идеологија на социјалните медиуми.
На фестивалот AJB DOC, на кој Аnadolu Agency (AA) е Глобален партнер за комуникација, ќе бидат прикажани вкупно 23 филма, од кои 12 се дел од натпреварувачката категорија.
Исто така, од 21 до 24 септември, ќе бидат одржувани и тренинг и работилница за истражувачко новинарство за новинари и млади автори, под водство на наградуваниот британски новинар Фил Рес и уредникот на вестите на Ал Џезеира Балканс, Еди Челебиќ.
Во недела, на 22 септември ќе биде одржана и презентацијата „Амбасадор на Палестина: Нова земја, нов живот”, која ќе ја одржат Раван Даме, режисерка и консултант за медиуми, која ја основаше и ја води иницијативата Палестински амбасадор.
AJB DOC Филм Фестивал го организира телевизиската куќа Ал Џезеира Балканс, во соработка со Ал Џезеира Медиа Нетворк и Ал Џезеира Медиа Институт од Доха.