култура и уметност

Заврши второто издание на „AJB DOC Филм фестивал“

Наградата на жирито за најдобар филм му припадна на филмот „За Сама“, на авторката Вад ал Катиб и на Едвар Вац, а за сите членови, таа одлука, како што рекоа, беше недвосмислена

Aldıjana Hadzıc  | 25.09.2019 - Обновена : 30.09.2019
Заврши второто издание на „AJB DOC Филм фестивал“ (Foto: Mustafa Öztürk/ AA)

САРАЕВО (AA) – Со доделување на наградите и со проекција на документарниот филм „Куќа на малата ѕвезда“, синоќа заврши второто издание на Фестивалот на документарниот филм на „Ал Џезеира Балканс“ (AJB DOC), јавува Anadolu Agency (AA).

На церемонијата се доделени три награди: Награда за најдобар филм во натпреварувачката селекција на Фестивалот, за која одлучуваше меѓународно жири од пет члена, Награда на програмското жири на Ал Џезеира Балканс, за која одлучуваше Програмскиот оддел на Ал Џезеира Балканс, и Награда на публиката, за која се бореа сите филмови прикажани на Фестивалот.

Церемонијата на доделување на наградите започна со видеопреглед на вториот „AJB DOC Филм фестивал“, впечатоците на гостите и авторите, по што на присутните им се обрати директорот на Фестивалот, Едхем Фочо, кој објасни до какви промени донесе второто издание на AJB DOC.

Првата награда, која ја врачи Тарик Ѓоѓиќ, директор на „Ал Џезеира Балканс“, беше Наградата на публиката, а доделена е на филмот „Неверојатно патување“ на авторите Алваро Гонзалез-Алера и Олвер Валенте.

Следуваше прогласување на Наградата на програмското жири на Ал Џезеира Балканс. Жирито одлучи да додели награда за филмот „Копнеж за враќање“, на Катрин В. Каер.

Членовите на меѓународното жири, признати и искусни светски стручњаци во доменот на документарното изразување: Адемир Кеновиќ од БиХ, Тиери Детаил од Белгија, Викторија Брус од САД, Ивана Пауренова од Чешка и Адел Ксикси од документарниот канал на Ал Џезеира (Al Jazeera Documentary Channel) одлучуваа за Наградата за најдобар филм во натпреварувачката секција.

Пред доделувањето на главната награда, интернационалното жири одлучи да му даде Специјално признание на филмот „Патот на патриотизмот“, на режисерката Каролин Троедсон.

Наградата на жирито за најдобар филм му припадна на филмот „За Сама“, на авторката Вад ал Катиб и на Едвар Вац, а за сите членови, таа одлука, како што рекоа, беше недвосмислена.

По свечената церемонија на доделувањето на наградите, честа да го затвори „AJB DOC“ му припадна на филмот „Куќа на малата ѕвезда“ на авторката Слаѓана Лучиќ, која говори за Нуџејма Софтиќ, лекторка од Сараево, девојка која одлучила да ги надмине сите свои животни трауми и трагедии, разбивајќи ги воедно општествените предрасуди кон хиџабот.

Со второто издание на Филмскиот фестивал „AJB DOC“ одржани се и тренинг и работилница за истражувачко новинарство за новинарите и младите автори. Исто така, одржана е и презентацијата „Амбасадор на Палестина: Нова земја, нов живот“, што ја одржа Раван Даме, режисерка и консултант за медиуми, која ја основаше и ја води иницијативата „Палестински амбасадор“.

Второто издание на Меѓународниот фестивал на документарниот филм на „Ал Џезеира Балканс“ (AJB DOC) е одржано во Сараево од 20 до 24 септември 2019 година. Во текот на петте дена од Фестивалот, публиката имаше можност да види 23 документарни филма од врвна продукција.

Сите прикажани филмови се обединети со слоганот на AJB DOC, „Промена/Change“, со што сакаат да укажат на потребата за промена, која се случува и е неопходна на поединецот и на општеството, на технологијата исто колку и на опкружувањето.

Тарик Ѓоѓиќ, директор на „Ал Џезеира Балканс“, пред церемонијата на доделувањето на наградите рече дека е среќен што на овогодинешниот фестивал се прикажани извонредни филмови, а публиката била прекрасна.

„Неверојатна е бројката на луѓе кои го посетија овој фестивал. Во градот има интерес за вакви работи и се надеваме дека продолжуваме подобро“, рече Ѓоѓиќ.

Едхем Фочо, директор на AJB DOC филмскиот фестивал, рече дека на овогодинешниот фестивал салите биле полни, а публиката и гостите задоволни.

Појасни дека имало многу филмови на кои публиката реагирала емотивно, но и дознале многу работи.

Додаде дека Сараево е мал град, но се бори во својата културна сфера.

„Веќе го имаме и највлијателниот фестивал на филмот во регионот. Сараево Филм фестивал е меѓународна институција. Сега полека стануваме еден од водечките фестивали на документарниот филм“, рече Фочо.

„AJB DOC Филм фестивал“ го организира телевизиската куќа „Ал Џезеира Балканс“, во соработка со „Ал Џезеира Медиа Нетворк“ и „Ал Џезеира Медиа Институт“ од Доха.

Аnadolu Agency (AA) е глобален партнер за комуникација на „AJB DOC Филм фестивал“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın