Bekim Laci
01 Јуни 2018•Ажурирај: 02 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија дебатира за промените во Владата, една година по формирањето на овој владин состав, јавува Anadolu Agency (АА).
Владата на премиерот Зоран Заев со предложените промени ќе има три нови коалициски партнери, огранокот на БЕСА чиј претседател е Африм Гаши, Демократската партија на Албанците (ДПА) и Сојузот на Ромите.
Првиот дел од парламентарната сесија започна со говорот на премиерот Зоран Заев, кој ги презентираше новите предложени имиња. За министер за правда е предложена Рената Дескоска, за министер за образование и наука Арбер Адеми, за позицијата министер за култура предложен е Асаф Адеми, додека за министер без ресор Заев го предложи Бардил Даути.
За заменик-министер за надворешни работи е предложен Андреј Жерновски, заменик-министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, за здравство Асим Муса, а за заменик-министер за транспорт и врски е предложен Садик Беќири.
„Зад нас е точно една година од работата на Владата на Република Македонија. Ја оставаме зад нас длабоката политичка криза со отворање сериозни реформски процеси за да ја вратиме довербата во институциите и демократскиот амбиент. Јас сум среќен кога ќе се сетам каде бевме, а каде сме сега, до каде стигнавме“, рече Заев.
Заев испрати порака до граѓаните, истакнувајќи дека земјата е на вистинскиот пат и се движи во вистинската насока, што ќе се докаже преку сериозни реформски активности.
„Бевме држава во изолација во која граѓаните живеат во страв, држава со политички тензии. Денес зборуваме за пријателство со соседите, за повисоки плати и за слобода, за реално членство во НАТО и за сосема извесен датум за преговори со ЕУ во создавање услови за јакнење на парламентарното мнозинство, за да создадеме колку што е можно поголемо одобрување и прифаќање на одлуките што ни доаѓаат многу скоро“, истакна Заев.
„Во овој Дом на демократијата“, рече тој, „наскоро ќе бидат усвоени одлуки кои ќе ѝ донесат на Република Македонија повеќе надеж, просперитет и благосостојба за сите нејзини граѓани“.
По премиерот Заев за говор се пријавени голем број пратеници, што ја доведува во прашање можноста за денешно гласање на новите промени, бидејќи е предвидена и вечерна пауза по повод муслиманските пости.