САРАЕВО (АА) - Веска Бешиќ
Бабата Ајка Локмиќ повеќе од 70 години живее во старата босанска куќа во сараевската населба Ковачи. На почетокот од мај го прослави својот 104. роденден. Родена е 1914 година во Босански Шамац. Останува сираче за време на Првата светска војна, по што роднините ја зеле во Сараево, каде што го минала своето детство, се омажила, на свет ги донела своите деца, имала убав живот и доживеала длабока старост.
Има четири деца, седум внучиња и едно правнуче. Баба Ајка вели дека има прекрасна старост, сите се грижат за неа и гледаат да ѝ биде пријатно. Таа е и голем гурман, најмногу ја сака домашната храна, а не се откажува ниту од слушањето музика.
„Порано имав друштво, одевме на излет, пеевме, а сега нема ништо од тоа“, раскажа баба Ајка додека седеше на својата стара босанска сечија (миндер - одар за седење покрај ѕид) која не дозволува да се исфрли од куќата.

Ајка Локмиќ преживеала 3 војни, а како најтешка ја оцени Првата светска војна.
„Немаше ништо, владееше голема сиромаштија. Немаше храна, ниту облека и обувки“, рече Ајка.
За сегашноста рече дека ништо не е како порано.
„Сега сѐ е поинаку. Не е како порано. Ја нема убавината од порано. Имаше слобода. Се веселевме. Сега никој не оди кај никого, а порано имаше седенки, четенија (изработка на босански десерт во кој учестуваат повеќе жени). Вратите секогаш беа отворени, а сега сите се заклучени“, појасни баба Ајка.
Во улицата во која живее Локмиќ повеќе нема луѓе од нејзината генерација.
„Повеќе нема никој. Сите починаа. Останав сама, но тука се моите ќерки и синови“, раскажа баба Ајка. Своите верски обврски ги извршувала до стотата година. Поради лекарствата морала да престане.
„Го спроведував рамазанскиот пост сè до својата 100 година. Почнав уште како мала. Постев и му се молев на Бога, но сега не сум способна за тоа, а по малку и заборавам“, низ солзи се потсети баба Ајка.
Покрај старицата Локмиќ секогаш се нејзините ќерки Зумрета и Зинета.
„Нашата мајка е родена во Босански Шамац во семејството Бешлагиќ за време на Првата светска војна. По две години останала сирак, а неа и сестра ѝ Фатима ги прифаќа братот. Се доселила во Сараево, каде што е прифатена од роднините. Тука го минува детството, тука се запознала со нашиот татко. Се омажила на 24 години. Имаа убав живот“, раскажа Зинета.
Семејството Локмиќ имале приватна пекара, а Ајка кога немала обврски со децата, помагала и таму.
„Долго живееме во оваа куќа, во неа сме сите родени“, рече Зинета. Иако нејзините синови имаат преку 70 години, Зинета изјави дека Ајка сѐ уште се грижи за нив.
„Инаку таа ги сакаше веселбите, песните, сакаше да се дружи. Порано немаше излегувања, дружење по ресторани. Во минатото се организираа седенки во домашен амбиент. Се свирело и пеело и тоа нејзе ѝ останало во сеќавање. Таа смета дека денеска ништо не чини, лошо воспитување на децата, лоша храна. Како што вели, порано сѐ било подобро, поквалитетно. Вели дека порано старите лица биле повеќе почитувани. Денеска сето тоа ѝ пречи. Но сепак, се обидува да се приспособи на новата ситуација и многу е успешна во тоа“, изјави Зинета.
За својата мајка, Зинета вели дека е голем гурман.
„До скоро самата правеше баклава и слатки „ружица“. Самата ги сукаше јуфките, бидејќи не верува во готовите јуфки кои се купуваат“, истакна Зинета, наведувајќи дека по тоа била позната во својата улица.
Низ насмевка Зинета раскажа дека денеска ги критикува јадењата што ги подготвуваат, посочувајќи дека јадењата не се онакви какви што таа претходно ги подготвувала.
Баба Ајка го спроведувала рамазанскиот пост од својата седма до 100-та година.
„Пред започнувањето на месецот Рамазан, морав да ѝ го прочитам илмихал (прирачник за основите на верата и нејзиното практикување), бидејќи ми се жалеше дека заборавила одделни молитви. Започнала да пости уште како многу малечка. Баба Ајка го спроведувала рамазанскиот пост и се молела од својата 7 до 100-та година“, нагласи Зинета.
Ќерка ѝ Зинета информираше дека Ајка престанала со постот откако ѝ објасниле дека мора да пие лекови.
„Тешко ѝ падна што мораше да прекине со постот и што не се клања“, раскажа Зинета.
Баба Ајка, како што рече Зинета, била строг родител и барала многу од своите деца, да се вредни, да учат, да ги почитуваат постарите во соседството...
На разделбата, баба Ајка запеала песна од нејзиното време. Се поздравила со сите и им испратила насмевка со која ѝ ги дочекала во старата босанска улица во сараевската населба Ковачи.