СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (AA) – Под мотото „Избери здравје, а не тутун“, Министерството за здравство и годинава во соработка со Светската здравствена организација и Институтот за јавно здравје традиционално го одбележува Светскиот ден без тутутн, пишува Anadolu Agnecy (AA).
Фокусот на овогодинешниот Светски ден без тутун е „Тутунот и болестите на срцето“. Кампањата ќе ја зголеми свеста за поврзаноста меѓу тутунот и срцето и другите кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и мозочниот удар, кои заедно се водечки причини за смрт во светот, остварливи акции и мерки кои клучните чинители, вклучувајќи ги и владите и јавноста, може да ги преземат за да ги намалат ризиците по здравјето на срцето, предизвикани од тутунот.
- Половина од македонските граѓани се пушачи -
Според статистиката на Институтот за јавно здравје, речиси половина од македонските граѓани се пушачи. Поточно, во Македонија 46 проценти од лицата на возраст од 15 до 64 години се пушачи, од нив 54,1 процент се мажи. Кардиоваскуларните заболувања се одговорни за над 50 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија, додека од срцев удар умираат повеќе мажи, а од мозочен удар умираат повеќе жени.
Лекарите сметаат дека токму пушачите и до четирипати повеќе страдаат од срцев или мозочен удар, а тоа се болести од кои во Македонија годишно умираат околу 11.000 лица.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) пушачите два до четири пати почесто страдаат од срцев и мозочен удар за разлика од непушачите, додека пасивните пушачи имаат 25 до 30 проценти зголемен ризик.
- Албанија: Тутунот причина за еден од четири смртни случаи од кардиоваскуларни болести -
Како и во Македонија, така и во Албанија темата на Светскиот ден без тутун оваа година беше „Тутунот и срцевите заболувања“, каде оваа кампања има за цел да ја подигне свеста за влијанието коешто го има тутунот врз срцевото здравје, вклучувајчи активности и мерки кои владата и јавноста треба да ги преземат за да се намалат ризиците кои ги предизвикува користењето на тутун за срцевите заболувања.
Министерката за здравство и социјална заштита на Албанија, Огерта Манастирлиу, на прес-конференција истакна дека тутунот е причина за еден од четири смртни случаи предизвикани од кардиоваскуларни болести, при што, според неа, институциите ќе ги зајакнуваат мерките за спречување на пушењето на јавни места.
Според Министерството за здравство и социјална заштита, во Албанија три ризични фактори кои се сметаат за најважни и со најголемо влијание врз болестите се нездравата диета, вискиот крвен притисок и пушењето.
Една четвртина од смртните случаи на хроничните болести се предизвикани од пушењето, а исто толкава е смртноста и од кардиоваскуларните болести предизвикани од пушењето.
Според оваа институција, во однос на заболувањата од тумор ова влијание е уште поголемо, достигнувајќи над 83 отсто смртни случаи од рак на белите дробови.
Во Албанија 48 отсто од пушачите на дневна основа се машки лица над 15-годишна возраст, но се забележува тренд на опаѓање, додека кај жените постои тренд на пораст од 5 до 10 отсто.
- Во Косово околу една четвртина на населението пушат цигари -
Од Министерството за здравство на Косово е потврдено дека овој ден и во Косово воглавно е посветен на срцевите болести. Државниот координатор за контрола на тутунот, Фаик Хоти, во изјава за АА истакна дека во наредните месеци ќе се интензивираат кампањите, со цел спроведување на Законот за контрола на тутунот во Косово, кој стапи во сила од мај во 2013 година.
Сепак, како што рече, законот овозможил да се создаде средина без тутун, формирал институции каде што се почитува законот, но, има и бројни проблеми, особено во секторот на угостителството.
Тој нагласи дека базирајќи се на истражувањата, во Косово се смета дека околу една четвртина од населението пушат цигари, додека во родова основа, 34,3 отсто од мажите и 19,3 отсто од жените консумираат цигари.
Хоти истакна дека кај младите постои пад во однос на употребата на тутунот од 10,4 отсто на 8,8 отсто, додека кај оние на училишна возраст пад од 6,7 на 4,4 отсто.
Хоти вели дека кардиоваскуларните болести се категорија на болести кои предизвикуваат најмногу смртни случаи и во Косово, заболувања од кои 12 отсто од смртните случаи во Косово се поврзуваат директно со пушењето цигари.
„Тоа е доказ којшто ни покажува дека во годината може да има околу 12.000 смртни случаи кои се директно поврзани со пушењето“, додаде Хоти за АА.