Admir Fazlagic
02 Јуни 2018•Ажурирај: 02 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија по целодневната расправа избра четворица нови министри во Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
За нова министерка за правда е избрана Рената Дескоска, за министер за образование и наука избран е Арбр Адеми, за министер за култура избран е Асад Адеми, а Бардул Даути е новиот министер без ресор во Владата на Република Македонија.
Дескоска беше избрана со 67 гласа „за“ и 23 „против“, Арбр Адеми со 67 „за“ и 25 „против“, Асаф Адеми со 66 „за“ и 23 „против“, а Даути со 65 „за“, 26 „против“ и еден „воздржан“.
Рената Дескоска во Министерството за правда доаѓа на местото на Билен Салији, Асаф Адеми во Министерството за култура доаѓа на местото на Роберт Алаѓозовски, Бардул Даути на местото на Рамиз Мерко, додека Арбр Адеми во Министерството за образование ќе ја замени Дескоска.
Исто така, Собранието на Република Македонија вечерва избра и нови четворица заменици-министри во Владата.
За заменик-министер за надворешни работи е избран Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар а за заменик министерт за транспорт и врски избран е Садик Беќири.
Како нови коалициски партнери во Владата влегуваат крилото на Беса на Африм Гаши и Демократската партија на Албанците, кои имаат министерски места, како и Сојузот на Ромите.
Претходно, во Собранието се обрати премиерот Заев, кој се осврна на работата на Владата во првата година од нејзиното работење.
„Зад нас е точно една година од работата на Владата на Република Македонија. Ја оставаме зад нас длабоката политичка криза со отворање сериозни реформски процеси за да ја вратиме довербата во институциите и демократскиот амбиент. Јас сум среќен кога ќе се сетам каде бевме, а каде сме сега, до каде стигнавме“, рече Заев.
Заев испрати порака до граѓаните, истакнувајќи дека земјата е на вистинскиот пат и се движи во вистинската насока, што ќе се докаже преку сериозни реформски активности.
Инаку, предлогот за нови министри премиерот Заев до Собранието го достави минатата недела.