Besar Ademi
03 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Специјалниот претставник на Обединетите Нации (ОН) во разговорите меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, по средбата со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, рече дека не очекува брзо решение за спорот за името, туку приближување на процесот преку зајакнување на контактите меѓу Македонија и Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Нимиц истакна дека тој не е дојден во Македонија со нов предлог, туку само за да се разговара за концептот на новата влада во градењето на добрососедските политики. Тој додаде дека решавањето на спорот за името е едно од најважните прашања за регионот, Обединетите нации и за Македонија.
„Се сретнав со премиерот и со министерот за надворешни работи, и можам да кажам дека има сериозен интерес и подготвеност да се разгледа ова прашање“, рече Нимиц.
Специјалниот претставник на ОН истакна дека за решавање на спорот за името е потребен „целосен напредок“ од двете страни, и додаде дека двете страни треба да бидат отворени, сериозно да размислуваат за позициите и да ја слушнат многу внимателно другата страна.
„Мислам дека во наредните месеци не треба да очекуваме драматични активности или промени. Не мислам дека е вистинското време да се направат конкретни и финални предлози, но сметам дека е потребен период двете страни да разговараат меѓу себе. Имаме нова влада тука, имаме контакти во регионот, па работите ќе се движат напред, но не гледам драматични случувања во текот на следните неколку месеци“, рече Нимиц.
Иако претходно беше најавено дека по посетата на Македонија ќе отпатува за Атина, Нимиц најави дека нема да ја посети Атина, поради, како што истакна, зафатената агенда на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, во решавањето на кипарскиот спор.
Нимиц, кој од саботата престојува во Македонија, утрово се сретна со премиерот Зоран Заев, а вчера со претседателот Ѓорге Иванов. Тој доаѓа во Скопје на покана на Владата на Република Македонија, со цел да разговара за начинот на кој може да се постигне напредок со посредство на Обединетите нации за изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името.
Инаку, последент пат Нимиц ги посети Македонија и Грција кон крајот на јули 2014 година.