Mehmet Hatipoğlu
30 Јануари 2018•Ажурирај: 31 Јануари 2018
АТИНА (АА) - Специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН), Метју Нимиц, медијатор за решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција, истакна дека веќе 25 години се дискутира за ова прашање и додаде дека веќе е време да се донесат одлуки, јавува Anadolu Agency (AA).
Медијаторот Нимиц во рамките на посетата во Грција, во главниот град Атина се сретна со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, и по средбата даде изјава за медиумите.
Нимиц истакна дека веќе секој знае за прашањето околу спорот со името на Македонија. „Нема причина да се губи повеќе време. Сега е време да се донесе одлука и верувам дека се наоѓаме до таа точка“, рече Нимиц.
Нимиц нагласи дека постојат некои тешки прашања околу спорот со името на Македонија, но, според него, кај двете страни постои динамика за решавање на спорот. „Ова треба да го гледаме како можност и треба ги слушаме двете страни. Верувам дека и тука и во Скопје постои волја“, додаде тој.
На новинарско прашање дали има одреден временски период за решавање на спорот со името на Македонија, Нимиц рече дека тој самиот не е судија, туку само медијатор.
Нимиц потсети дека двете влади имаат свои ставови околу ова прашање.
„И јас, на најдобар начин, имав некои предлози. Се надевам дека ќе ги користат и тие. Верувам дека во наредните денови ќе има преговори со цел да видиме каде се наоѓаме и повторно да се оцени оваа состојба“, пренесе Нимиц.
Медијаторот Нимиц, пред средбата со Коѕијас, се сретна и со Јоргос Кумуцакос, портпарол на главната опозициска партија Нова демократија (НД).
Кумуцакос по средбата со Нимиц истакна дека медијаторот го информирал за предлозите околу решавање на спорот со името на Македонија, но, како што рече тој, овие предлози се незадоволителни за Нова Демократија.
По посетата на Атина, како што најави Владата на Република Македонија, медијаторот Нимиц утре и задутре би требало да престојува во Скопје, каде што со државно-политичкиот врв ќе разговара за спорот околу името.
Потсетуваме, непосредно пред доаѓањето на Нимиц во Скопје, во сабота се одржа координативен состанок на државно-политичкиот врв на Република Македонија за иницијалната рамка на медијаторот Метју Нимиц за спорот со името помеѓу Република Македонија и Грција.
По средбата претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов изјви дека процесот за решавање на спорот ќе продолжи да се одвива во рамките на ОН, каде Македонија е активен учесник, а премиерот Зоран Заев изјави дека е оптимист во однос на тоа дека може да се најде национален консензус за прашањето околу името, но потенцираше дека овој процес бара одговорност и неопходна е вклученост на сите.