Bekim Laci
31 Јануари 2018•Ажурирај: 01 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Македонија денес ги претстави деталите за посетата на медијаторот на Обединетите нации (ОН) за спорот со името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, кој утре ќе престојува во официјална посета на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски, на прес-конференција истакна дека средбите на Нимиц ќе започнат во утринските часови, кога ќе биде пречекан од страна на претседателот на Р. Македонија, Ѓорѓе Иванов, а потоа медијаторот Нимиц ќе се состане и со премиерот Зоран Заев. Неговите средби, како што информираше владиниот портпарол, ќе продолжат со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, по која е предвидена прес-конференција.
Бошњаковски нагласи дека Нимиц својата посета во Скопје ќе ја заврши со средбите со лидерите на политичките партии ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.
Тој се осврна и на изјавата на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, кој истакна дека грчката страна изготвува документ кој ќе стави крај на спорот со името, и истиот во февруари ќе ѝ биде претставен на македонската страна.
„Од наша страна имаме добра волја за взаемно прифатливо решение кое ќе ги почитува интересите, достоинството и идентитетот на двата народа, а за да дојдеме до ова решение потребна е нужна волја и компромис од двете страни“, рече Бошњаковски.
Владиниот портпарол нагласи дека ставот на премиерот Заев останува непроменлив во однос на одржувањето референдум, доколку се постигне договор со Грција, и додаде дека државата има капацитет да организира референдум, покрај фактот што Државната изборна комисија е некомплетирана поради оставките на одредени нејзини членови.
„Работиме на конечно решение за проблемот кој Република Грција го има со нашето уставно име, меѓутоа, во рамките на тој процес, кога и да имаме значителен исчекор кој ќе води кон референдум, верувајте дека државата има доволно капацитет соодветно да одговори и дека сите институции ќе го дадат максимумот сè да биде во рамките на законската регулатива“, изјави Бошњаковски.
Тој информираше за одлуките на Владата од 52. седница која се одржа вчера, пришто укажа на усвојувањето на Стратегијата за образобание 2018-2025, за чии детали, како што рече, ќе информира Министерството за обранозание и наука на Република Македонија. Тој истакна дека Владата донела заклучок да ѝ препорача на Регулаторната комисија за енергетика да ја преиспита својата одлука за одобрување на покачувањето на цената на водата, а јавното претрпијатие „Студенчица“ последователно да направи нова анализа за барањето за корекции на цената на водата.
Меѓу другото, на вчерашната владина седница е донесена одлука со која таксистите се лишени од обврската да поседуваат меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик.