Ivana Ramadanova
31 Јануари 2018•Ажурирај: 01 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска во просториите на ресорното Министерство одржа прес-конференција по повод одбележувањето на Европската недела за борба против рак на грлото на матка, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој истакна дека ракот на грлото на матката е втората најчеста причина за смрт од рак во Европа, кај жените на возраст помеѓу 15 и 44 години, а, исто така, и во Македонија, поради што како што рече, ќе има воведување деветовалентна вакцина против ХПВ како превенција за жените од сите возрасни групи.
Според него, заедно со Управата за електронско здравство се работи на интегриран здравствен систем и во моментов во тек се изготовки на посебни електронски обрасци во кои ќе бидат внесени сите резултати од пап-тестовите, од ХПВ-резултатите, како и од тестовите од хистопатолошката анализа.
„Годишно се откриваат по два до три случаи со карцином на грлото на матка, по што пациентките се упатуваат на понатамошна дијагностика, а по потреба и лекување. Апелирам до жените редовно да се јавуваат кај своите матични гинеколози на прегледи, бидејќи ова е болест којашто може да се превенира, а доколку се открие во рана фаза може да се преземат мерки за лекување со што болеста може да се излекува“, истакна министерот Филипче.
Биба Додева како претседател на Здружението за борба против ракот „Борка“, истакна дека се проценува дека 70 отсто од жените и мажите може да дојдат во контакт со ХПВ за време на нивниот живот. За среќа 80 до 90 отсто од случаите, го елиминираат вирусот природно.
„Во Европа на секој половина час умира по една жена од рак на грлото на матката. Ракот на грлото на матката може да се спречи со вакцинација и организиран скрининг. Македонија е една од државите која следејќи ги светските и европските искуства, ја воведе ХПВ-вакцинацијата како еден од примарните начини за превенција од рак на грлото на матката и од 2012 година го имплементира организираниот скрининг на грлото на матката“, рече Додева.
Секоја година се регистрираат 510 000 случаи со рак на грлото на матката, а 288 000 од нив завршуваат со смрт (податоците се според СЗО, од јануари 2009 година). За разлика од другите видови, ракот на грлото на матката го предизвикува вирусот наречен хуман папилома вирус (ХПВ).