Ivana Ramadanova
30 Јануари 2018•Ажурирај: 31 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - На граничниот премин Богородица, царинските работници запленија 300 килограми марихуана, информираше на денешната прес-конференција директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, јавува Anadolu Agency (AA).
„На 28 јануари 2018 година, на влез во Македонија на царинската испостава Богородица, со транзитен царински документ се пријавил осомничениот Е.П (36), грчки државјанин, кој управувал товарно моторно возило со грчки регистерски таблички. Дел од стоката која ја пријавил за царинење била натоварена во Атина, Грција, и истата според документите требало да биде пренесена до Германија, додека пријавениот ориз од Камбоџа требало да биде транспортиран до Холандија“, истакна Танасоски.
Тој информираше дека при прегледот на стоката сместена во полуприколката од возилото, царинските службеници забележале 4 дрвени палети на кои биле сместени вкупно 95 полиетиленски вреќи, кои според фактурата требало да бидат наполнети со ориз.

Но, по отворањето на сите вреќи, според Танасоски, во дел од нив сокриени низ оризот, пронајдени биле вкупно 75 алуминиумски вреќи обвиткани со проѕирна стреч фолија наполнети со марихуана со тежина од 300 килограми, која како што рече, требало да биде пренесена до нарко пазарите во земјите од западна Европа.
Вредноста на запленетата наркотична дрога при продажба на големо би требало да достигне износ од околу 800 илјади евра. Е.Б. е лишен од слобода и поднесена е кривична пријава за производство и пуштање во продажба на наркотици.
Царинската управа и понатаму ќе работи на сузбивање на криминалот и криумчарњето дрога.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за сторено кривично дело - неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотопни супстанции и прекурсори. Обвинителството до Основниот суд Велес поднесе и предлог за определување на оваа мерка, што беше прифатено од страна на судот, кој одреди притвор за осомничениот во времетраење од триесет дена.