Besar Ademi
02 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, на презентирањето на работата и посветеноста на Министерството во изминатите 100 дена од новата влада, изјави дека „новата влада успеа да создаде една нова ера во односите со соседите и оти ова го докажува потпишаниот договор за добрососедство со Бугарија“, јавува агенција Anadolu Agency (АА).
Министерот за надворешни работи, исто така, се осврна и на прашањето за името со Грција, а во врска со тоа изјави дека „преговорите за прашањето за името не се започнати, но во моментов се 'подготвуваат контурите' околу тоа во кој формат и кога да се започнат преговорите“.
„Мислам дека не е корисно да се шпекулира нешто што можеби е брифинг од министерот Коцијас или не е, можеби треба да се праша министерот Коцијас дали е тоа точно. Мислам дека е многу важно да гледаме напред. Многу е важно идентитетските прашања да се извлечат од тој процес, бидејќи практично така никогаш нема да може се реши тоа прашање. И многу е важно да продолжиме со овој процес на зближување и разбирање на главните грижи од наша и од нивна страна“, изјави Димитров на прашањето на новинарите, негирајќи ги информациите дека во преговорите со Грција се разговара за македонскиот идентитет.
Тој рече дека не е историски соодветно во 2017 година во Европа да се оспорува идентитетот на соседот, а особено на сосед кој е на прагот на Европската Унија и НАТО.
Во врска со информациите за разгледување на историјата меѓу двете соседни земји, тој посочи дека ако сакаме развој на односите меѓу двете земји, треба да се прашаат историчарите за тоа како Грците ги гледаат Македонците во историски контекст, и обратно.
- „Прашањето за името е билатерално, но има регионални и европски импликации“ -
Во однос на следниот регионален состанок, кој ќе се одржи во Солун, каде што ќе се соберат шефовите на дипломатиите на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија, тој рече дека состанокот ќе се фокусира на енергијата, безбедноста, економијата и на регионалната соработка.
На прашањето дали Бугарија и Албанија ќе се вклучат во разговорите за прашањето за името, Димитров рече дека е предвидено преговорите да се спроведат на билатерално ниво меѓу Македонија и Грција, со посредство на Метју Нимиц, специјалниот претставник на Обединетите нации на разговорите меѓу Македонија и Грција за прашањето за името.
„Прашањето е билатерално, но има регионални импликации, но и европски импликации. Тоа влијае на кредибилноста на политиката на проширување на целиот Балкан што ја вклучува и Македонија. Мислам дека во оваа фаза и процесот е билатерален и ќе се одвива под покровителство на Обединетите нации и медијаторот Метју Нимиц“, изјави Димитров.