Ivana Ramadanova
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во пресрет на парламентарните избори што ќе се одржат в недела, Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека се преземени сите потребни законски мерки со цел да се испочитуваат сите рокови за спроведување на изборите, како и техничко-организациските мерки за спречување на евентуалните неправилности, јавува Anadolu Agency (AA).
Oд ДИК информираат дека гласачките ливчиња и изводите од избирачкиот список се во фаза на подготовка за печатење и оти ќе бидат доставени до општинските изборни комисии во рокот предвиден во Изборниот законик.
„За првпат на овие избори, изводите од избирачкиот список ќе содржат и лични фотографии од гласачите. Фотографиите се во формат како од личните карти или патните исправи на гласачите, а ќе послужат за полесно идентификување, како и за елиминирање на евентуални злоупотреби“, велат од ДИК.
Од таму информираат дека спроведени се и обуките на општинските изборни комисии од страна на Државната изборна комисија, а во тек е спроведувањето на обуките за членовите на избирачките одбори како во државата, и на избирачките одбори кои ќе го спроведат гласањето во странство.
ДИК апелира општинските изборни комисии и избирачките одбори да се воздржуваат од каква било партиска активност сè до завршувањето на изборниот процес, а ги повикаа и вработените во државната и јавната администрација во текот на работното време да се воздржат од партиски активности и да ги пријават евентуалните притисоци од претпоставените.
„Апелираме и до сите гласачи да не подлегнуваат на провокации на лица кои евентуално нудат поткуп, а кои на ваков начин сакаат да го злоупотребат правото на слободно, независно и демократско гласање. Сите гласачи на кои во која било фаза од изборниот процес им е повредено личното избирачко право, можат да поднесат приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа по сторената повреда. ДИК е должна по секој приговор од гласачите да донесе одлука во рок од 4 часа по приемот“, нагласуваат од ДИК.
Домашните и странските набљудувачи кои сакаат да го следат изборниот процес имаат рок до утре да поднесат барање за овластување. Од почетокот на изборната кампања, ДИК има отворено бесплатна телефонска линија за граѓаните – 0800 555 44 на која може да ги пријават евентуалните нерегуларности што ќе ги воочат, а се поврзани со изборниот процес.