Hasan Tosun,Aşkın Kıyağan
06 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
ВИЕНА (АА) – Министерот за внатрешни работи на Австрија, Волфганг Соботка соопшти дека Александер ван дер Белен е новиот претседател со освоени 53,8 проценти од гласовите , јавува Anadolu Agency (AA).
Соботка, на прес-конференција во Министерството за внатрешни работи ги соопшти официјалните резултати од претседателските избори одржани на 4. декември. Според резултатите, новоизбраниот претседател Александер ван дер Белен, поддржан од Партијата на зелените, освои 53,8 проценти од гласовите. Кандидатот на екстремно десничарската Партија на слободата, Норберт Хофер освои 46,2 проценти од гласовите.
Министерот Соботка рече дека според официјалните резултати, за Ван Дер Белен гласале 2 милиони 472 илјади 892 гласачи, а за Хофер 2 милиони 124 илјади 661 гласач. Разликата во гласови е 348 илјади 231 глас повеќе за Ван Дер Белен. На гласањето од 22. мај, Ван Дер Белен имаше освоено 31 илјада гласови повеќе од Хофер.
Излезноста на изборите е 74,2 проценти од вкупниот број гласачи.
Новоизбраниот претседател Ван Дер Белен ќе положи свечена заклетва на 26 јануари, кога ќе започне со својата функција.
Професорот по економија и поранешен претседател на Партијата на зелените, Ван дер Белен ќе ја врши функцијата претседател на државата во наредните 6 години. Тој ќе престојува во палатата Хофбург, а неговата месечна плата ќе изнесува 24 илјади евра.
На изборите од 22. мај, кои подоцна беа поништени, Ван Дер Белен освои 50,3 проценти, додека пак Хофер 49,7 проценти од гласовите.