Ivana Ramadanova
28 Март 2016•Ажурирај: 29 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска започна теренската проверка на Избирачкиот список од страна на анкетарите на ДИК. На овој список се наоѓаат 100.436 неконзистентни записи распоредени на 89.383 граѓани во сите 80 општини во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според советникот на ДИК, Љупка Гугучевска, на терен се излезени 488 анкетари и доколку е потребно ДИК ќе ангажира дополнителен број за да се зголеми ефикасноста на процесот.
Со анкетарите на терен има и набљудувачи од четирите политички партии кои, како што нагласи Гугучевска, немаат право да влегуваат во комуникација со лицата кои се анкетираат при теренските проверки. Во контактот со граѓаните анкетарите треба да се идентификуваат со беџ издаден од ДИК и потпишано овластување од претседателот на Државната изборна комисија.
"ДИК е во постојана комуникација со подрачните одделенија и од блиску го следи процесот. Досега нема информација за проблеми на терен, но дополнителни информации се очекуваат кон крајот на денот кога ќе заврши анкетирањето и кога материјалите ќе им бидат предадени на контролорите во подрачните единици на ДИК", рече Гугучевска.