Kristina Maslareviç
27 Март 2016•Ажурирај: 28 Март 2016
БЕЛГРАД (АА) - На Плоштадот на Републиката во Белград, во организација на движењето "Српски сабор на Заветници", се одржа анти-НАТО протест на којшто присуствуваа околу две илјади приврзаници на движењето, јавува Anadolu Agency (AA).
По протестите на Плоштадот на Републиката, учесниците со протестен марш се упатија низ централните улици на Белград кон зградата на Радио-телевизија Србија, а на чело на колоната се носеше транспаретот "Отпор на окупацијата, Србија не е колонија!".
За време на маршот, освен навредливите скандирања упатени кон актуелниот српски премиер, Александар Вучиќ, учесниците на собирот скандираа и "На Србија, Русија не им треба Унијата".
Портпаролот на "Заветниците" Милица Ѓурѓевиќ изјави за АА дека "Српскиот сабор на Заветници" уште на 20-ти февруари организацирал протест против НАТО, каде што, според неа, се собрале илјадници граѓани, кои побарале "распишување на Референдум за законот за соработка со НАТО пактот, кој е потпишан и усвоен од страна на Народното собрание на Србија".
"Сметаме дека тоа директно се заканува на суверенитетот на Србија во областа на безбедноста, бидејќи со тоа им се овозможува на војниците на НАТО без никаква материјална и кривична одговорност да крстарат низ српската територија", рече Ѓурѓевиќ.
Таа додаде дека организацијата во име на која говори инсистира на референдум и дека дошле пред РТС бидејќи тоа е јавен сервис на граѓаните "што премолчува дека на плоштадите и улиците се собира народ", алудирајќи на протестите одржани во Белград, Ниш и Нови Сад.
"Поради тоа сме тука денес, да побараме нивните камери да излезат, да се свртат кон народот и да дозволат да се обратиме во име на 80 отсто од граѓаните на Србија кои не сакаат пристапување кон НАТО", нагласи Ѓурѓевиќ во изјавата за АА.