Enes Kanlı
27 Март 2016•Ажурирај: 28 Март 2016
АМАН (АА) - Турскиот премиер, Ахмет Давутоглу, изјави дека е неопходно да ѝ се стави крај на кризата во Сирија бидејќи злосторствата кои ги врши војската лoјална на сирискиот режим и терористичките организации како ДАЕШ, ЈПГ и ПКК ја загрозуваат стабилноста во целиот регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на турската влада Давутоглу, престојува во прва официјална посета на Аман, каде што се сретна со јорданскиот колега Ахмед ен-Нусур.
„Турција и Јордан се соочени со истите проблеми во врска со сириската криза. Бегалците кои тргнуваат кон север доаѓаат во Турција, додека оние кои одат кон југ одат во Јордан. Воспоставувањето на стабилноста и мирот во Сирија за нас е од исклучителна важност. Ја поддржуваме иницијативата за запирање на судирите во таа земја”, рече Давутоглу.
Оценувајќи дека билатералните односи помеѓу Турција и Јордан се „пример за добри односи во регионот”, Давутоглу рече дека постои голем потенцијал за дополнително интензивирање на економската соработка помеѓу двете земји. Двајцата премиери денес присуствуваа на потпишувањето на низа билатерални договори кои имаат за цел искористување на потенцијалот кој го спомна Давутоглу.
Потсетувајќи дека во Аман денес се одржал и состанок на проширените делегации на Турција и Јордан, Давутоглу рече дека на состаноот е разговарано за регионалните прашања, пред сè за слични проблеми со кои се соочуваат двете земји поради кризата во соседните Сирија и Ирак.
„Се надеваме дека преговорите во Женева ќе резултираат со воспоставување на мир во Сирија и ќе ги задоволат барањата на Сиријците. Турција и Јордан се рамо до рамо во борбата против терористите на ДАЕШ во Сирија и Ирак и сакаме Сирија и Ирак да ги видиме како единствени земји по завршувањето на кризата”, рече Давутоглу и додаде дека Турција и Јордан решително ги бранат и правата и интересите на загрозениот палестински народ.
И јорданскиот премиер Нусур го изрази своето задоволство од решителноста на владите на Јордан и Турција да работат на унапредувањето на веќе добрите билатерални односи и истакна дека денешната средба во Аман била добра можност за ревидирање на сите планирани заеднички проекти.
„Турција и Јордан се единствени две земји кои се граничат со Сирија и Ирак. Многу проблеми и сличности ни наметнуваат да градиме максимално добри и искрени билатерални односи”, заклучи Нусур.