AA
08 Октомври 2022•Ажурирај: 17 Октомври 2022
БУДВА (АА) - Постои само еден начин да не дојде до поделби на Балканот, а тоа е целиот Балкан да влезе во Европската Унија (ЕУ), порача претседателот на Словенија, Борут Пахор, на 2BS Форумот во Будва, на панелот со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, известува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Словенија ги повика лидерите од регионот да направат сѐ што е во нивна моќ да се сочува мирот на Балканот.
„Не знаеме што ќе се случи во наредните неколку месеци или години, но важно е тие мултилатерални прашања да бидат под контрола. Нивото на доверба е ниско“, рече Пахор.
Пахор потсети дека извесен период постоел оптимизам, но дека опаднал, опоменувајќи и дека помалку волја имало и во Брисел.

„Поради војната во Украина, мирот и стабилноста на Балканот се кревки. Тоа се обидовме да го објасниме и во ЕУ. Ние, во 2016 година за време на разговорите во Сараево рековме дека проширувањето не е технички проблем туку геополитички и дека е потребна поголема флексибилност во Брисел“, рече Пахор на 2BS Форумот.
Тој го наброи и она што очекува дека официјален Брисел ќе го стори во наредниот период со цел Западен Балкан да биде поблиску до членството во ЕУ.
„Тоа се визна либерализација, давање статус на кандидат на БиХ. Тоа би бил сигнал дека ЕУ прави сѐ со цел целиот Западен Балкан да го внесе во европската заедница“, истакна Пахор.
Тој смета дека, доколку дојде до проширување, сите земји од Балканот ќе пристапат во ЕУ во горе-долу ист период.