Bekim Laci
05 Мај 2016•Ажурирај: 06 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Утре и задутре (6 -7 мај) во Будва, Црна Гора, ќе се одржи Меѓународен форум на високо ниво "Да се биде безбеден" (“To Be Secure“) кој оваа година акцентот ќе го стави на Глобалната Безбедност - нејзините предизвици и одговори, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од македонското Министерство за одбрана, министерот Зоран Јолевски, кој ќе учествува на форумот, ќе зборува на панелот посветен на заштитата на границите на Европската Унија и Југоисточна Европа во рамките на бегалската криза.
Меѓународниот форум во Црна Гора ќе ги собере на едно место високите претставници на НАТО, на земјите-членки и партнер-земјите на Алијансата.
Дел од форумот ќе бидат заменикот-генерален секретар на НАТО, Александар Вершбоу, министрите за надворешни работи на Турција, Албанија и Босна и Херцеговина, Мевлут Чавусоглу, Дитмир Бушати и Игор Црнадак, и министерката за одбрана на Црна Гора Милица Пејановиќ-Ѓуришиќ.
Во текот на разговорите на ниво на претседатели за безбедност и заедничка одговорност ќе зборуваат претседателите на Хрватска, Црна Гора и Словенија, Колинда Грабар-Китаровиќ, Филип Вујановиќ и Борут Пахор.