Admir Fazlagic
20 Март 2019•Ажурирај: 21 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија Ѓорѓе Иванов додели „Медал за заслуги за Македонија" на претседателот на „Фондацијата Мармара" од Турција, проф. д-р Акан Сувер, директорот на новата Александриска библиотека во Египет, проф. д-р Исмаил Серагелдин, и го додели признанието „Повелба на Република Македонија" на интернационалната непрофитна организација „Македонија 2025" од Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање пред присутните претседателот Ѓорѓе Иванов рече дека денес им се заблагодаруваат на големи интелектуалци, кои, како што рече, иако не го зборуваат македонскиот јазик, сепак комуницираат идеи што се многу блиски на македонскиот светоглед. Според Иванов, тоа се идеи за поврзување, соживот, почитување на различностите.

Проф. д-р Акан Сувер е одликуван со „Медал за заслуги за Македонија", за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување со што даде значаен придонес за промовирање на македонските вредности и позиции во Република Турција и поширокиот европски и азиски простор, со личен ангажман како основач и претседател на „Фондацијата Мармара".
„Во нашиот глобализиран свет, многу форуми и иницијативи многу брзо замруваат и исчезнуваат, но не и Евроазискиот економски самит кој успешно функционира веќе 22 години. Идеите кои се опфаќаат на тој самит се земаат в предвид во поширокиот евроазиски регион. Со своите теми, дебати и идеи форумот влијае на политиките на државите бидејќи ги отвора перспективите и ги трасира патиштата за соработка меѓу државите од Европа и Азија. Преку овој форум, македонската економија и македонските компании имаат ширум отворена врата за соработка во целиот евроазиски простор. Тоа е и врската и меѓу Република Македонија и Република Турција. Но самитот е само една од бројните активности на Фондацијата Мармара, а сето тоа е заслуга на визијата и истрајноста на д-р Акан Сувер", рече Иванов.
„Д-р Сувер е ценет дипломат, политичар, но пред се човек со мудрост од кого учат многу политичари и државници од регионот. Тој е пример за човек кој со скромни но упорни чекори и принципелни ставови успеа да создаде регионален и глобален ефект", додаде Иванов.
Претседателот на „Фондацијата Мармара" и основач на Евроазискиот самит којшто се одржува од 1998 година во Турција, проф. Д-р Акан Сувер, во своето обраќање рече дека признанието што го добива од претседателот Иванов, за него секогаш ќе има посебно значење и вредност, која ќе ја чува како симбол на пријателството меѓу двете земји, за кои рече дека, иако немаат заедничка граница, сепак продолжуваат со добрососедските односи.
„Турција и Македонија се две важни држави, мирољубиви во балканскиот регион. Особено, пријателските односи на високо ниво и соработката меѓу претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и претседателот на вашата земја, ќе придонесат за развојот, просперитетот стабилноста и мирот во регионот”, истакна Сувер.
Професорите Акан Сувер и Исмаил Серагелдин, како и Вера Ставроф, која го прими признанието во име на организацијата „Македонија 2025", во своите обраќања изразија благодарност и ја истакнаа честа за доделените признанија, кои за нив претставуваат потврда и препознавање за нивната работа.
На доделувањето на „Медал за заслуги за Македонија" присуствуваа и сопругата претседателот Ѓорѓе Иванов, Маја Иванова, амбасадорката на Република Турција во Скопје Тулин Еркал Кара, членот на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, Фуркан Чако, како и други поканети гости.