Admir Fazlagic
30 Август 2020•Ажурирај: 01 Септември 2020
СКОПЈЕ
Во попладневните часови денеска во Скопје се одржа протест насловен како „Семакедонски народен собир", на кој присуствуваа стотина граѓани собрани преку социјални мрежи, кои, како што рекоа протестираат за да го искажа своето незадоволство од работењето на Собранието и Владата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Собраните граѓани собирот го започнаа од пред седиштето на Европската унија (ЕУ) во Скопје, при што извикуваа различни пароли меѓу кои и „Никогаш Северна, само Македонија“, „Едно име имаме" и „За народна власт“, после што се упатија пред републичкото Собрание.
Страшко Олумчев, претседателот на Македонска народна партија, во име на присутните граѓани рече дека ова е протест на македонскиот народ, незадоволен од тридецениското работење на Собранието и властите. Тој рече дека со денешниот собир го изразуваат својот револт од политичарите кои ги повикаа „да работат за интерес на народот и да ги штитат интересите на народот, а не да работат по диктат од некаде однадвор".
Меѓу другото, демонстрантите истакнаа дека протестираат и со цел да го изразат, како што рекоа „омаловажувањето на македонскиот национален идентитет" и порачаа дека подршка имаат и од Македонската православна црква (МПЦ).
„Доста делби и подлелби, доста поделби на ваши и наши. Сите сме наши. Никој денес овде не е против некого или за некого. Сите денес сме овде за Македонија", истакна пред присутните на протестот свештеникот Стеван Здравески.
Во меѓувреме, во Собранието втор ден се одржува седница за избор на новата Влада на Република Северна Македонија, за која, според процедурите, треба да се гласа до полноќ.
За да биде изгласана Владата во Собранието, потребно беше да гласаат мнозинството од пратениците, односно најмалку 61 од вкупно 120 пратеници колку што брои Собранието.
Потсетуваме, по изборите одржани на 15 јули оваа година, за мандатар од страна на претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, определен е Зоран Заев, лидерот на коалицијата „Можеме" која освои најголем број гласови на изборите.
На 18 август, СДСМ и ДУИ соопштија дека постигнале договор за создавање парламентарно мнозинство во кое освен освие две партии ќе учествува и ДПА.