Fatjon Cuka
06 Мај 2022•Ажурирај: 07 Мај 2022
ТИРАНА (АА) - Под покровителство на Парламентот на Албанија, во Тирана се одржа 18. Конференција на претседателите на парламентите на Јадранско-јонската иницијатива, со учество на делегации на парламентите од земјите од регионот и пошироко, јавува Агенција Анадолија (АА).
На програмата која се организира во рамки на завршување на претседавањето на Албанија на оваа иницијатива, учествуваа претседателката на Парламентот на Албанија, Линдита Никола, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, претставници на парламентите на другите земји од регионот, како и делегации од Италија и Грција.
Претседателката на Парламентот на Албанија, Никола, на конференцијата истакна дека Јадранско-јонскиот Регион е зона со висок потенцијал за развој поради природните богатства и ресурси, климата, географската позиција, историјата и културното наследство.
„Во овој регион, развојот на зелената енергија и индустриите се во нивното природно живеалиште и претставуваат голема конкурентска предност со другиот дел на континентот, дури и пошироко. На овие неспоредливи развојни потенцијали се додава не само културниот, етничкиот и јазичниот мозаик, туку и соживотот на народите, како со слично минато, така и со изразени разлики во текот на историскиот развој“, рече Никола.
Според неа, Западниот Балкан е регион со европски корени, идентитет, вредности и аспирации.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, ги поздрави присутните на оваа конференција, говорејќи и за важноста на оваа иницијатива.
Рама се осврна и на руско-украинската војна, и рече: „Лекцијата од оваа војна е ценета лекција за сите нас и е многу важен момент во нашата историја за да се направи сѐ што е можно да се напредува, правејќи сѐ што можеме за да ја зајакнеме нашата соработка во овој регион и да изградиме што е можно повеќе нови мостови на соработка.“
„Европа е нашиот прв избор по наша слободна волја. За Албанија планот А, Б и Ц е само Европа“, истакна Рама во врска со процесот на евроинтеграција.
На конференцијата која се одржа во неколку сесии, фокус на темите е ставен на евроинтеграциите, но се дискутираше и на други теми.
На крајот на конференцијата се очекува делегациите учесници да усвојат заедничка декларација.