Балкан

Групата која со велосипеди отпатува за Чанаккале, се врати во Скопје

„Најинтересен дел е кога пристигнавме во Чанаккале, самиот дочек, делот на стадионот, поддршката на народот, колку го одбележува и почитува тоа“, вели Шкуљ, кој беше дел од екипата која со велосипеди отпатува во Чанаккале.

Dzihat Aliju, Admir Fazlagikj  | 19.03.2019 - Обновена : 21.03.2019
Групата која со велосипеди отпатува за Чанаккале, се врати во Скопје (Foto: Admir Fazlagic/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Седдумтемина пријатели од различни балкански земји кои на 10 март со велосипеди трнаа од Скопје кон Чанаккале, го завршија своето патување, враќајќи се во Скопје каде што ја посетија канцеларијата на Anadolu Agency (AA).

Оваа група од седум лица, изминувајќи околу 800 километри, на 15 март пристигнаа во Чанаккале за да учествуваат на церемонијата по повод 104. годишнина од 18 март - Денот на победата на поморската битка кај Чанаккале.

Во разговор за Anadolu Agency (AA) во Скопје го раскажаа нивното искуство за време на патувањето до Чанаккале и изразија благодарност до АА за поддршката, истакнувајќи дека целта на нивното патување со велосипед е да не се заборави Чанаккале.

Ќамуран Хирда од Планинарско-еколошкото здружение од Скопје изрази надеж дека ова нивно патување ќе биде мост меѓу народите, кое имало за цел да ги посети шехидските гробишта. Според неговите зборови, со ова патување тие сакаат да им дадат пример на нивните потомци дека шехидите кои ги дале своите животи за исламот и татковината, нема да бидат заборавени.

„Целиот Балкан ја гледа Турција како заштитник, поддржувач на исламот. Кога е силна Турција, тогаш и ние се гледаме себеси како посилни и сме поспокојни“, вели Хирда.

„Нашите предци отидоа во Чанаккале за да го одбранат исламот, за да ја заштитат татковината. Тоа нѐ поттикна да се предизвикаме себеси, да возиме велосипеди. Во текот на целиот пат, тие духовни чувства ни дадоа сила да се соочиме со патувањето“, раскажа Хирда.

Тој додаде дека духовното чувство им дало волја да стасаат успешно до целта.

Скопјанецот Сами Емин, кој бил дел од турскиот брод „Мави Мармара“, што носеше хуманитарна помош во Газа, рече дека одлуката за иницијативата произлегла по една случајна средба во Истанбул со член на групата која со велосипеди патувала до Чанаккале.

Емин истакна дека тоа што ѝ го направиле непријателите на Турција во Чанаккале, и денес го изведоа преку обидот за државен удар на 15 јули 2016 година. 

Тој додаде дека во битката на Чанаккале, имало 35 - 40 шехиди од Балканот.

„Нашата надеж е Турција. Надежта на целиот умет е Турција. Стигнавме до целта. Бевме поспокојни и од тоа што се надевавме, а пречекот таму беше прекрасен. Нашата цел е да не се заборават и да не се дозволи да се заборави. Чанаккале е важно. Целта на непријателите на исламот и непријателите на Турција денес е да ја распарчат Турција како последна тврдина на исламот. Нема да успеат. Целта е видлива, но муслиманите треба да се сплотат уште повеќе по овие притисоци“, рече Емин.

Според неговите зборови, патувањето го започнале за единство, а додаде и дека поминувале по 110 километри на ден.

Исмет Шкуљ од БиХ, Завидовиќи, циклотурист, полицаец во пензија, вели дека не му е ова прва тура, но дека му е драго што е дел од екипата, бидејќи, како што рече, нивното патување ќе остане забележано и по сто години. Шкуљ рече дека екипата која патувала, во најголем дел е составена од лица кои се над 60 години.

„Најинтересен дел е кога пристигнавме во Чанаккале, самиот дочек, делот на стадионот, поддршката на народот, колку го одбележува и почитува тоа. Патувањето беше добро, имаше дожд, малку снег, но организацијата и сместувањето беа добри“, вели Шкуљ.

„Секој треба да го одбележува своето, да знае кому и каде припаѓа, како што ние ја одбележуваме Сребреница. Јас и колегата од Црна Гора секоја година во Сребреница возиме маратон“, рече Шкуљ.

Дел од екипата која со велосипеди беше во Чанаккале е и Сахит Хот од Гусиње, Црна Гора, кој се занимава со планинарење и велосипедизам. 

„Мене ми е првпат да одам во Турција и за Чанаккале немав слушнато. Ова ми беше првпат. Во иднина ќе продолжам да го посетувам Чанаккале, исто како Сребреница, каде што 11 пати бев учесник на маратонот“, раскажува Хот, додавајќи дека чувството кога пристигнал во Чанаккале не може да се опише со зборови.

„Слично доживеав во Поточари, не можеш, а да не пуштиш солза таму“, раскажа Хот.

Аднан Нуковиќ од Нови Пазар им се заблагодари на организаторите и ги пренесе своите искуства од патувањето со велосипед во Чанаккале.

„Научив многу на овој пат. Инаку, првпат одам за Турција. Нешто што ми остана како впечаток, ги посетивме студентите кои животот го живеат исламски. Впечаток ми остави и посетата на мезарите на Чанаккале, кога едноставно луѓето дојдоа да го одбележат тоа. Сакам во Санџак да бидам промотор на тоа, да не заборавиме кои се нашите предци и како го бранеле Истанбул и Турција“, рече Нуковиќ.

Раскажувајќи го своето искуство од патувањето со велосипеди со учесници од различни земји од регионот, Нуковиќ додаде дека не може да се опише со зборови патот кој го поминале тие, туку дека тоа треба само да се доживее.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın