Abdula Berisha
21 Март 2019•Ажурирај: 21 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Делегација од Собранието на Република Косово престојува во работна посета во Скопје, каде што е пречекана од потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Весел Мемеди, пренесува Anadolu Agency (AA).
На средбата со косовската делегација предводена од претседателот на Комисијата за јавна администрација и локална самоуправа, Наид Хасани, потпретседателот Мемеди беше придружуван од претседателката на Законодавно-правната комисија, Соња Мираковска и претседателот на Комисијата за локална самоуправа, Џевад Адеми.
„Мемеди ги запозна гостите со актуелната политичка состојба и претстојните претседателски избори, Преспанскиот договор и уставните измени“, се вели во соопштението на Собранието на Северна Македонија.
Тој посочи дека благодарение на храброста на политичките лидери, затворен е тридецениски спор, со што се отворија вратите на Република Северна Македонија за ЕУ и НАТО.
Претседателот на Комисијата за јавна администрација и локална самоуправа, Наид Хасани, посочи дека Преспанскиот договор е еден од најголемите успеси и води кон стабилност и економски развој.
Основна цел на посетата се размена на искуства, особено во носењето на Законот за Собрание од страна на Република Косово.
Од претседателката на Законодавно-правната комисија, Соња Мираковска, како и од претседателот на Комисијата за локална самоуправа, Џевад Адеми, беше укажано дека е добро Деловникот и Законот за Собрание да се носат со консензус со опозицијата.
Заменик-генералниот секретар Мики Милковски, кој, исто така присуствуваше на состанокот, говореше за содржината и постапката за носење на актите.