Балкан

Затворски казни за македонски државјани кои учествувале во странски боишта

Шестмина од нив се осудени на по шест години, а еден на девет. Сите се обвинети за учество во „странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации", додека едниот дополнително се терети и за кривичното дело „терористичка организација".

Admir Fazlagic  | 21.03.2019 - Обновена : 21.03.2019
Затворски казни за македонски државјани кои учествувале во странски боишта

СКОПЈЕ (АА) - Седум македонски државјани, обвинети за учество во „странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации", како и за кривичното дело „терористичка организација", денеска добија затворски казни на рочиштето за изрекување пресуда во Кривичниот суд во Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).

Шестмина од нив се осудени на по шест години, а еден на девет. Сите се обвинети за учество во „странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации", додека едниот дополнително се терети и за кривичното дело „терористичка организација".

Потсетуваме, тие беа вратени во август минатата година, како што тогаш соопшти Министерството за внатрешни работи, во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили. Тие беа уапсени и предадени на македонските органи.

Во август 2018 година, МВР соопшти дека се работи за македонски државјани, за кои е распишана меѓународна потерница и за кои според Кривичниот законик се поднесени кривични пријави во рамки на полициските акции „Ќелија 1“ (август 2015) и „Ќелија 2“ (јули 2016).

По спроведена истрага, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во декември минатата година поднесе обвинение против седумината, а во обвинителниот акт беше наведено дека тие со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале државата и заминувале на обука во Сирија каде и учествувале како борци на ДЕАШ во војните во Сирија и Ирак.

Освен учество во паравоените формации, тие собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, преку социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица.

Турција предупредува дека Сириските демократски сили (СДС) се сириски огранок на терористичката организација ПКК, а САД сметаат дека СДС е веродостоен партнер во борбата против ДЕАШ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.