Ali Murat Alhas
27 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
ИДЛИБ (АА) - Американската акција, во која, како што се наведува е убиен водачот на ДЕАШ, Ебу Бекр ал Багдади, во северозападна Сирија, траела околу четири часа, истакнаа локални извори, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Водачот на ДЕАШ, Багдади, убиен во операција на САД во Сирија“
Операцијата, во која биле користени хеликоптери, беспилотни летала и копнени единици, се случила на неколку километри од кампот Турлаха, каде што засолниште најдоа раселените цивили во северната покраина Идлиб, велат изворите, кои побараа да не бидат именувани заради безбедносни причини.
Врз локацијата првично извршен е напад од осум американски хеликоптери и два дрона, а изворите велат дека нападот траел повеќе од час и половина.
Според изворите, неидентификувани елементи од теренот одговориле со жесток оган.
Потоа хеликоптерите се вратиле на местото и отвориле оган врз цели на теренот пред да слетаат и да спуштат војници на теренот - за кои се смета дека се американски специјални сили.
Изворите велат дека втората фаза од операцијата траела два и пол часа и дека американските хеликоптери ја напуштиле областа по вкупно четиричасовна операција.
Медицинските лица кои пристигнале на местото, истакнаа дека виделе урната куќа и неколку изгорени шатори во близина на локацијата каде што се случила американската операција.
Од локацијата, од страна на медицинските лица земени се седум тела, три машки, три женски и на едно дете, а изворите додаваат дека на повредените им била укажана медицинска помош.
Воздушниот простор на Идлиб е под контрола на Русија, кој е главен поддржувач на режимот на сирискиот претседател Асад.
Американските медиуми рано утринава јавија дека се верува дека Ал Багдади е убиен во американска операција, но немаше официјална потврда на наводите.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на Твитер напиша: „Штотоку се случи нешто многу големо!“. Од Белата куќа е најавено дека Трамп ќе даде изјава во 9 часот по локално време.
До денес локацијата и статусот на Багдади беа мистерија, а повеќепати се говореше дека тој е убиен на различни боишта во Ирак и Сирија.