Michael Hernandez
27 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Ебу Бекр ал Багдади, водачот на терористичката организација ДЕАШ, е убиен во синоќешна американска операција во северозападна Сирија, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изминатата ноќ Соединетите Американски Држави (САД) го изведоа водачот на терористите број еден пред правдата. Ебу Бекр ал Багдади е мртов“, рече Трамп во обраќањето кое беше телевизиски пренесувано.
Во мисијата на специјалната операција биле вклучени осум хеликоптери кои се спуштиле на местото каде што се криел во услови на интензивен оган од огнено оружје, кој, како што рече Трамп, бил веднаш одбиен од американските сили.
Американскиот претседател истакна дека следел поголем дел од операцијата од Ситуационата соба во Белата куќа, потенцирајќи дека нема загинати од припадниците на американските сили во операцијата, додека, како што рече, голем број борци и придружници на Ал Багдади биле убиени.
Трамп рече дека Багдади се обидел да избега преку тунел кој немал излез на другиот крај, земајќи со себе три мали деца. Но кога американските сили е приближиле, Багдади активирал самоубиствен елек, одземајќи го својот и животите на децата.
„Насилникот кој толку многу се обидуваше да заплашува други, последните мигови ги мина во апсолутен страв, во тотална паника и страв, престрашен од американските сили“, рече Трамп, и додаде: „Ние ќе продолжиме да ги гониме преостанатите терористи на ДЕАШ кон нивниот брутален крај. Ова истото важи и за другите терористички организации. Тие се исто така во наш видик.“
ДНК-тестовите на останките од телото потврдиле дека припаѓаат на сега починатиот водач на терористите, а САД дополнително „презедоа многу чувствителен материјал и информации“ од последното упориште на Багдади, рече Трамп.
Тој им се заблагодари на Турција, Русија, Сирија и на Ирак за нивната соработка во операцијата, нагласувајќи дека Анкара била извонредна, и истакнувајќи дека американските сили летале над одреден дел од турската територија за време на мисијата.
Под водство на Багдади, терористичката организација ДЕАШ, почнувајќи од 2014 година, се рашири низ голем дел од Ирак и Сирија, тврдејќи дека е формиран „калифат“ во регионот, планирајќи и изведувајќи ужасни напади и надвор од нејзиниот главен територијален бастион. Формираше и локални ограноци во други региони и објавуваше застражувачки видеа на егзекуции преку интернет.
Багдади беше главна цел и на администрациите на Трамп и на администрацијата на Обама.