Husamedin Gina
29 Јули 2020•Ажурирај: 30 Јули 2020
СКОПЈЕ
Со донација на „Халкбанк“ АД Скопје (Halkbank) денеска започнаа активностите во oпштина Карпош за уредување на простор во Трговскиот центар Лептокарија наречен „ХалкКорнер“ (HalkCorner), јавува Агенција Анадолија (АА).
На означувањето на почетокот на активностите присуствуваа градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и главниот извршен директор на „Халкбанк“ АД Скопје, Билал Суџубаши.
Истакнувајќи дека во ТЦ Лептокарија ќе се добие ново зеленило со систем за наводнување, нови клупи, урбана опрема, градоначалникот Стефан Богоев рече дека инвестицијата е донација од „Халкбанк“.
„Ја користам оваа можност да им се заблагодарам јавно што ја избраа токму општина Карпош, и токму во вакво време, во време на пандемија од Ковид-19“, нагласи Богоев, додавајќи дека Лептокарија е срцето на Карпош.
Градоначалникот исто така наведе дека со овој Зелен корнер којшто го прават заедно со „Халкбанк“ ја менуваат сликата на Лептокарија, сликата на Карпош 3, и сликата за целата општина.
Главниот извршен директор на „Халкбанк“ АД Скопје, Билал Суџубаши, истакна дека со овој проект жителите на општина Карпош ќе добијат катче кое ќе биде пријатно место каде што ќе го минуваат слободното време, но ќе биде пријатно место и за сите оние кои го посетуваат Трговскиот центар.
„Основното мото на Халкбанк АД Скопје е ’Важни се луѓето‘. Ова не е само мото туку и основа на нашето работење и дејствувања во сите сегменти. Тоа подразбира грижа за вработените, за нашите клиенти и деловни партнери и секако, грижа за заедницата во која дејствуваме и во која настојуваме да помогнеме и дадеме поддршка“, рече извршниот директор Суџубаши.
Наведувајќи дека „Халкбанк“ е поддржувач на спортски, културни, забавни активности, Билал Суџубаши додаде дека посебен приоритет даваат на поттикнување здрави животни навики и заштита на животната средина.
Проектот „ХалкКорнер“ планиран е да се заврши до крајот на идниот месец.