Husamedin Gina
29 Април 2021•Ажурирај: 30 Април 2021
СКОПЈЕ
Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) денеска донира целосна медицинска опрема за флуробусот кој е во сопственост на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
На примопредавањето на медицинската опрема за мобилната клиника присуствуваа министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, програмскиот координатор на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут и директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Сеат Зејнел.
Истакнувајќи благодарност до ТИКА, министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека благодарение на многу заеднички проекти со ТИКА кои траат со години, направено е сериозно зајакнување на здравствениот систем во многу важни сегменти.
„Станува збор за проект со кој се поддржува работата на Институтот за белодробни заболувања, институт познат по искуството и експертизата во идентификувањето на многу специфични белодробни заболувања, пример е туберколозата“, нагласи министерот Филипче.
Со овој проект, како што рече Филипче, здравствената услуга ја приближуваме кон пациентите, особено во региони каде што е тоа потешко достапно за граѓаните.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, потсетувајќи дека ТИКА во Северна Македонија досега има реализирано над 1.000 проекти, рече дека несомнено најголемо внимание е дадено на проектите во здравствениот сектор.
„Во рамките на проектот, флуробусот кој е во сопственост на самиот Институт, целосно е опремен со медицинска опрема. Соодветната здравствена екипа периодично ќе ги извршува своите активности најнапред во руралните средини. Главна цел е доближување на здравствените услуги до граѓаните, односно зголемување на скринингот и можноста за промоција на здравјето, како и зголемување на свеста во овие тешки времиња кога целиот свет се соочува со пандемија која потекнува од вирусот Ковид-19“, нагласи Согут.
Координаторот на ТИКА, Омер Согут, меѓу другото, информира дека го започнале проектот за сеопфатна реконструкција и опремување на Универзитетската стоматолошка клиника „Свети Пантелејмон“, односно Одделот за педијатрија и превентива.
Според него, проектот ќе биде завршен во најкус можен рок и Одделот ќе биде ставен во употреба.
Директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Сеат Зејнел, истакна дека во време кога водиме борба со Ковид-19, пријателска Турција во право време донира опрема којашто е од витално значење за третман и дијагностика на болните.
Во мобилната клиника ќе има ЕКГ, хематолошки бројач, инфузомат, дефибрилатор и друга опрема за изведба на рендген-графија, земање крв за крвна слика и лабораторија, земање плунка за микробиолошки испитувања, тензија, пулс-оксиметрија.