Zülfiya Yakup
09 Март 2016•Ажурирај: 10 Март 2016
ПРИШТИНА (АА) - Во косовската Агенција за форензика денес се одржа церемонија на примопредавање на опрема наменета за Дивизијата (Лабораторијата) за аудио истраги, која е донација од Владата на Германија со цел да помогне во истрагата на кривичните дела, вредна 45.000 евра, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за внатрешни работи на Косово, Скендер Хисени, нагласи дека косовската Агенција за форензика постојано се развива и ги унапредува своите услуги.
„Ова денес претставува уште еден акт за понатамошно усовршување на косовската Агенција за форензика во извршувањето на задачите и обврските од нејзината област на делување”, рече Хисени.
Министерот истакна дека следењето на последните трендови и модернизацијата на научните методи во истрагата на злосторствата во Косово не би било можно без поддршката на европските земји и САД. Тој притоа посебно се заблагодари на Владата на Германија, која со донацијата вредна 45.000 евра го овозможи снабдувањето на косовската Агенција за форензика со опрема за експертиза на звук.
Директорот на Одделот за јавна безбедност во ОБСЕ, Ејк Роге, рече дека начинот на истрага на злосторствата во светот и во Косово многу е изменет од пред 15 години бидејќи денес и терористичките дела се многу понапреднати.
„Криминалитетот многу напредна, имаме организиран криминал кој е исклучително модернизиран и во сите случаеви организираниот криминал користи технолошка опрема, сајбер безбедност, сајбер криминал и информациски технологии. Дури и едноставниот криминал денес е поинаков од порано”, рече тој.
Додаде дека освен криминалците, денес и адвокатите се понапредни и бараат точни докази до кои е тешко да се дојде токму поради модернизираниот начин на вршење криминал.
Извршниот директор на косовската Агенција за форензика, Блерим Олури, се заблагодари за донацијата и нагласи дека научните докази играат важна улога, не само во расветлувањето на кривичните дела и идентификацијата на извршителите, туку и во кривичните и цивилни процеси. Олури потсети дека на барање на правосудните органи, косовоската Агенција за форензика минатата година објавила над 5.000 експертизи со над 30.000 материјални докази со високо ниво на меѓународни стандарди.