Kristina Maslareviç
09 Март 2016•Ажурирај: 11 Март 2016
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за труд, вработување и социјални прашања, Александар Вулин, изјави денес дека Владата на Србија го усогласила функционирањето на границите кон Бугарија и Македонија, со правилата кои ги воведе Словенија и Хрватска, во врска со затворањето на „бегалската рута” за бегалците без потребните документи за шенгенскиот простор, јавува Anadolu Agency (АА).
„Владата на Србија зазеде јасен политички став од самиот почеток на мигрантската криза, дека решението мора да се најде заеднички и дека Србија ќе се однесува како и останатите земји на мигрантската рута”, рече Вулин и нагласи дека ќе се води сметка за почитувањето на домашните и меѓународните закони на територијата на Србија како и за хуманото однесување кон бегалците кои се наоѓаат на нејзина територија, но истовремено ќе води сметка да не се дозволуваат илегални влегувања.
Вулин додаде дека ситуацијата на грчко-македонската граница, поради големиот број мигранти кои вршат притисок на таа граница, е загрижувачка, но се надева дека ќе се заземе единствен став и ќе се изнајде решение за тој проблем, по разговорите со Турција.
„Очекуваме продолжување на преговорите кои би требало да завршат оваа недела и да се донесат конкретни заклучоци”, рече Вулин.
Премиерот Александар Вучиќ, коментирајќи го затворањето на „балканската рута”, рече дека Србија ќе се однесува сериозно и одговорно и дека ќе ги штити правата на сите бегалци, но дека ќе ги штити и националните интереси.
Во изјава за новинарите тој додаде „дека Србија чека конечно и сеопфатно решение од ЕУ за проблемот со мигрантите и бегалците, но таквото решение не е понудено и Србија нема да биде ,собирен центар'.”
Според податоците на УНХЦР, во Србија, по полноќ кога се затворени границите за премин на мигрантите на „балканската рута”, останале околу 2.000 бегалци од Блискиот Исток, сместени во четири прифатни центри во јужниот и северниот дел на земјата.